Самитот на лидерите на ЕУ 27 за пакетот за закрепнување од последиците од кризата со Ковид-19 е само 20 минути покус од најдолгиот самит во историјата на ЕУ.
Средбата на лидерите, која започна во петокот на 17 јули во 10 часот, заврши утрово во 5:45 часот.
– Требаше да завршиме во 6:05 часот за да го урнеме рекордот од самитот на ЕУ во Ница во 2000 година. Побарав да траеме малку подолго и сите се смееја, изјави премиерот на Холандија, Марк Руте.
Руте додаде дека му се сторило оти ќе се успее да достигне рекордот од Ница поради „подолгиот завршен говор на италијанскиот премиер Конте“, но оти на крајот „сепак завршиле порано“.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, пресмета дека овој самит траел вкупно 90 часа.
Лидерите оценуваат дека преговорите кои траеја „четири дена и четири ноќи“ биле тешки и повремено полни со тензии, а не изостанале и меѓусебни обвинувања.
– Со сите сè уште сум во добри односи. Сепак, сите ние сме професионалци, рече Марк Руте на крајот на самитот. Руте беше најмногу критикуван поради цврстиот став околу стриктните услови за распределба на парите и поради неговото инсистирање за намалување на фондот наменет за неповратна помош.
Самитот на ЕУ 27 во Брисел овој пат се одржа во променети услови, како резултат на мерките за контрола на епидемијата на Ковид-19.
Ова значеше намален број на делегации и „физичко“ отсуство на медиуми кои самитот го следеа од далечина преку Интернет платформа.