Читам, портпаролот на (ВМРО-) ДПМНЕ многу нервозен денес на прес конференција влегол во филм за некакви уцени со класифицирани информации поведен од „веста“ од вчера и не знам по кој пат го спомнува Јовче Ременски, реагира вечерва пратеничката на СДСМ, Фросина Ременски на вчерашните објави за заплена на доверливи документи во нејзиниот дом.
Откако вчера порталот МКД објави дека во домот на пратеничката Ременски и нејзиниот сопруг Јовче Ременски биле пронајдени доверливи документи, при претресот за истрагата на Меѓународниот сојуз на Бојан Јовановски- Боки 13, реагираа и од ВМРО-ДПМНЕ.
Опозициската партија прашува дали Ременски од УБК изнесувал класифицирани информации, списи и докази и ги чувал во сопствениот дом, спротивно на сите закони и процедури.
– Доколку со таква леснотија се изнесуваат документи од МВР, дали како држава треба да стравуваме дека и други лица поседуваат класифицирани документи во своите домови и ги користат за приватни работи и уцени, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Вечерва на оваа партиската реакција на Фејсбук се огласи Ременски:
– Да му порачам и нему (на портпаролот) и на сите заинтересирани дека, од тие „класифицирани“ документи одземени од мене – Фросина Ременски многу бргу ќе ги боли глава. И нека не се залажуваат дека, Ременски работат како нивните суфлери „безбедњаци“, на пазарења, помилувања, креирање инсинуации, прикаски, и воопшто не се занимаваат со партиски фрустрации на спикери и полтрони. А прашањето од пресот дали на ОЈО и на МВР им е потребен дополнителен медиумски притисок, само покажува како знаеле и како знаат. Се надевам ќе има прес и медиумски притисок кога ќе дознаат за мистериозните документи, објави Ременски.
Народот за вакви прилики има повеќе поговорки. Една од нив е: „Ем шуто, ем боде“ или „Ем голо, ем золо“!