Право на учество во проекти финансирани преку инструментот Безбедносна акција за Европа (САФЕ) имаат и трети земји кои не се членки на ЕУ, информира портпаролот на Европската комисија за технолошка сувереност, одбрана, Вселената и истражување Тома Рение.
– На трети земји им е дозволено да учествуваат во САФЕ. Дозволено им е да бидат вклучени во национални инвестициски проекти што ќе ги достават земјите членки, со учество до најмногу 35 отсто. Тоа во моментов важи за сите трети земји, истакна Рение.
Тој додаде дека доколку трети држави сакаат да учествуваа во проекти со земјите членки на ЕУ со удел од над 35 отсто, тогаш ќе треба да склучат билатерален договор со Унијата за целосно вклучување во инструментот САФЕ.
– Такви конкретни случаи имаме со Велика Британија и Канада. Кога станува збор за други трети земји, можам да потврдам дека добивме формално барање од Турција, како и од Јужна Кореја. Но, засега дадовме препорака само за Велика Британија и Канада и чекаме мандат од Советот за започнување конкретни преговори, истакна Рение.
Портпаролот нагласи дека при одобрување на учеството на трети земји во САФЕ ќе се води сметка и за заштита на интересите членките на ЕУ и доколку некоја од државите апликанти претставува реална безбедносна закана за членка на Унијата, тогаш таа ќе биде исклучена од проектот.
Рение информира дека интерес за учество во програмата вредна 150 милијарди евра, наменети за позајмици за инвестиции во одбраната, пројавиле 19 земји членки на ЕУ, кои до 30 ноември треба да ги достават своите инвестициски планови до Европската комисија, по што таа ќе изврши нивна проценка и ќе решава на кои од нив ќе им бидат доделени средства преку САФЕ.
Се проценува дека барањето на Турција за учество во САФЕ ќе наиде на противење од страна на Грција и Кипар. Грчки официјални претставници веќе се изјаснија против вклучување на Турција или турски компании во инструментот.
Одлуката во Советот на ЕУ за турското учество треба да се донесе со квалификувано мнозинство. Сепак, кога станува збор за прашања поврзани со одбраната, земјите членки се склони кон постигнување консензус за носење на некаква одлука, што би можело значително да ги намали шансите на Анкара за вклучување кон САФЕ.
За разлика од оваа, шансите за учество на Јужна Кореја се проценуваат како значително високи, имајќи предвид дека последниве години јужнокорејски компании се значителни добавувачи на одбранбената индустрија во Европа, особено во Полска.
Кога станува збор за Велика Британија и Франција, пак, резерви кон нивно вклучување во инструментот изразува Франција, која е на ставот дека средствата од САФЕ првенствено треба да бидат наменети за поддршка на одбранбената индустрија во ЕУ.
За старт на преговорите со Лондон и Отава се очекува да се расправа на денешното заседание на Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите членки на ЕУ (Корепер).