Во срцето на величествената Рила планина, опкружен со густи шуми, тивки води и алпски тишини, се наоѓа Рилскиот манастир – најголемото православно светилиште во Бугарија и едно од најзначајните духовни жаришта на целиот Балкан.

Основан уште во X век од Свети Иван Рилски, манастирот не е само симбол на христијанската вера и истрајност, туку и место на кое секоја година се поклонуваат илјадници посетители од различни земји. Од Србија, Романија, Полска, Русија, за нашата земја и да не зборуваме, а сè почесто и од западноевропски и прекуокеански држави, луѓето доаѓаат не само за да го видат величествениот архитектонски комплекс, туку и за да ја почувствуваат духовната сила на Свети Иван Рилски – небесниот покровител на бугарскиот народ и еден од најпочитуваните светци на Источната православна црква.

-Секојпат кога ќе дојдам тука, чувствувам дека нешто се смирува во мене – вели посетителка од Битола, која редовно го посетува манастирот веќе петта година. -Има нешто посебно во ова место – спокојот, природата, молитвата… – вели таа.

Од Делчево до Рила: патека до тишината и мирот 

Патувањето од Делчево до Рилскиот манастир е релативно кратко и удобно. По преминувањето на граничниот премин Станке Лисичково – кој моментално е во фаза на проширување, но без поголеми задржувања – патот води низ убави села и зелени предели. Последните километри се искачуваат низ шумски патишта, додека не се отвори погледот кон манастирскиот комплекс, втиснат меѓу стрмните ридови на Рила.

Свети Иван Рилски: Од самотија до духовно наследство 

Роден околу 876 година во селото Скрино на падините на Осоговските планини, Свети Иван Рилски останал сирак на 25 години. Ги раздал своите наследства на сиромасите и се повлекол во манастир, но и таму не го пронашол вистинскиот духовен мир. Се повлекува длабоко во природата и живее како пустиник, прво во шупливо дабово дрво, а потоа во пештера во Рила. Со години живеел во целосна аскеза – без огрев, со храна само од растенија, во пост и постојана молитва. Но веста за „светиот човек“ почнува да се шири. Луѓето доаѓаат, бараат исцеление и совет, а околу него се формира мала монашка заедница – зачетокот на Рилскиот манастир.

Свети Иван не сакал внимание, но поради бројните чуда и сведоштва на исцелени верници, станал духовен патоказ за целиот регион. Умрел околу 946 година, но неговото влијание не згаснува – напротив, се проширува со вековите.

Заветот, моштите и духовната традиција

По неговата смрт, монасите го погребуваат во „Стара Посница“, мал храм до пештерата. Набргу потоа, според преданието, Светецот му се јавува на игуменот и бара неговите мошти да бидат пренесени во тогашниот Средец (денешна Софија). Подоцна тие патуваат и до Естергом (Унгарија), Трново, за конечно во 1469 година да бидат вратени во Рила.

Моштите на Свети Иван Рилски се сметаат за чудотворни и се чуваат во специјална капела во рамките на манастирот. Неговото духовно дело е заокружено со „Заветот“ – текст напишан околу 941 година, во кој ги повикува монасите на смиреност, воздржување и вистинска вера. Заветот е еден од најзначајните документи на балканското монаштво и денес е зачуван во преписи низ вековите.

Архитектурата и симболиката на манастирот 

Денешниот комплекс е изграден главно во XIX век, по големиот пожар од 1833 година, но неговото најстаро сочувано јадро е Хрелјовата кула од 1335 година – четирикатна камена кула со параклис посветен на Св. Иван, со фрески од XIV век.

Манастирот е ограден со камени ѕидини и има форма на неправилен четириаголник, со повеќе нивоа и тремови кои го обиколуваат централниот двор.

Црквата „Рождество на Пресвета Богородица“ – духовно срце на манастирот 

Централниот храм е изграден меѓу 1835 и 1837 година. Има пет куполи и архитектонски е инспириран од атонскиот стил.

Внатрешноста е украсена со импресивни фрески од Захариј Зограф и Димитар Христов Зограф, а иконостасот е врвно дело на Самоковската резбарска школа.

Во црквата се наоѓаат два параклиса – посветени на Св. Никола Мирликијски и Св. Иван Рилски, а најпочитувана е чудотворната икона на Богородица „Одигитрија“, опкружена со мошти од 32 светци – заштитничка на манастирот и патеводителка на сите верници.

Манастирот денес го посетуваат и туристи од Јапонија и Австралија

Рилскиот манастир и денес е активен манастир со монашки живот.

Се изведуваат литургии, монасите подготвуваат традиционални мекици пред Самоковската порта, а посетителите се пречекуваат со тишина и смиреност.

Комплексот има музеј, книжевен архив и постојано е во фокусот на духовни и академски истражувања.

Покрај богатиот духовен живот, манастирот е и туристичка дестинација.

Се организираат тури од Софија, Пловдив и од граничните места со Македонија. Туристи од Италија, Франција, Канада, па дури и Јапонија и Австралија, сè почесто го вклучуваат Рилскиот манастир во своите патувања низ Европа.

Валери СПАСЕВСКИ за МИА

Фото: МИА