Обиколката по коловозот од источниот брег на Преспанско Езеро секогаш завршува пред сообраќајниот знак кој секој патник го упатува да продолжи лево, кон селото Љубојно, или десно кон селото Наколец, најстарата наколна населба во Европа.
Нашиот поглед и мисли беа насочени на југ каде лесно се забележуваат околу 300 куќи од селото Долно Дупени со помалу од 100 жители, најголем дел средовечни, а има и две деца кои учат во соседното село Љубојно.
Нашите домаќини велат дека за името на селото Долно Дупени има неколку легенди, една е според местоположбата која е во прегратките на планината Баба и кога од високо се гледа, тогаш селото е како во длабнатина, во дупка и затоа се вика Дупени. Другата легенда датира од времето на Цар Самоил кога во селото престојувале војници со извадени очи, со дупки во лицето, а не ретко се вели дека името на селото Дупени е поврзано со мелничките камења кои во средината имаат дупка, а се изработени од квалитетен камен кој го има во атарот на селото. Мелнички камења со дупка и денеска има во повеќе селски дворови низ Долно Дупени. Патем, во Преспа од другата страна на езерото е и селото Горно Дупени, блиску до Царев Двор.
Мирот и звукот на птиците околу селото, деновиве го прекинаа големи градежни машини, багери и силни момчиња работници кои почнаа да го градат граничниот премин на македонско-грачката граница, „Маркова нога“. Нашите домаќини велат, ова е будење на Преспа, се повлече нога на „Маркова нога“.
-Многу е убо (убаво) што конечно ќе се отвори граничниот премин. Ќе се видиме со роднините, постарите знаат и не го заборавиле македонскиот јазик, а помладите не знаат. Пак ќе има свадби…последен пат свадби се правеа пред да се затвори границата, тогаш земаа невести од Роби и од Долно Дупени, или обратно. Младите се женеа/ мажеа низ преспанските села. Јас мислам дека е грешка што преминот го викаат „Маркова нога – Лемос“. Грчкото име Лемос на македонски е Роби и кого да прашате од тамошното население ќе ви речат јас сум од Роби. Според легендата која сите ние ја знаеме и прераскажуваме на помладите, името на селото Роби доаѓа од старословенскиот збор за робови, а тоа биле робови донесени во времето на Цар Самоил, ни раскажа Лазо Љушков (72) од Долно Дупени.
-Ние сакаме граничниот премин да се вика Долно Дупени-Роби, бидејќи ги поврзува двете последно населени места од двете страни на границата. Но, останало од порано преминот да се вика „Маркова нога“ пред се заради големиот камен што тука се наоѓа, наликува на стапало и се смета дека кога Крали Марко слегол од својот коњ, силно стапнал да се поткрене и да го види Мало Преспанско Езеро, оставајќи трага на каменот, вели Љушков.
Според сеќавањата на Љушков, граничниот премин е затворен во 1967 година, а со оглед дека отворањето е планирано во 2027 година, тоа ќе биде некаков јубилеј (се насмевнува) но поважно од се е да се раздвижат луѓето, да не бегаат во странство.
– Јас до 1967 година редовно одев во Роби, во Герман и другите блиски соседни села… Како дете на 12 годишна возраст често застанувавме пред царинарницата која денеска е целосно оштетена, обрасната со трева и диво разгранети дрвја. На старата царинарница пишува нешто што јас не го разбирам вели Лазо (пишува Welcome), ама јас сум уверен дека до 2027 година, кога на јубилејните 60 години од затворањето на преминот, истиот ќе биде отворен и освен на англиски, ќе пишува и на наш Македонски јазик – Добредојдовте! Си велам ќе престане селидбата која порано беше многу голема. Најмногу иселеници имаме во Америка, Канада и Австралија, а патот во туѓина ги водеше токму од тука, од овој пат, низ Грција, до морето а потоа со брод во непознат свет. Преминувањето од една до друга страна од границата беше дозволен само пеш или со точак, нагласи Љушков.
Точно така, потврди Ефтим Спировски (67), ресенчанец, земјоделец, кој со сопругата живеат во Долно Дупени
-Мојата сопруга во 1962 година како мало девојче, секогаш со мал точак одеше до соседните села, до Роби, до селото Герман, но и во Медово, Рудари, Стрково, Дреново, Нивици… Имаше многу работа. На блиската висорамнина се сееше и жнееше жито и јачмен, и секогаш имаше богат род. Сега најмногу се одгледуваат јаболка, ама на времето на големи површини се одгледуваше грозје, се одгледуваа пиперки, и посебно се продаваа црвените сушени пиперки. Сите дворови и балкони беа со нанижани црвени пиперки што се сушеа, а потоа продаваа, вели Ефтим и додава дека „избегал“ од Ресен затоа што Долно Дупени е како „воздушна бања“, убаво за здравјето, со прекрерасен поглед на Мало и Големо Преспанско Езеро.
Нашите домаќини велат, малкумина знаат дека водата од мало Преспанско Езеро долги години се влеваше во големото Преспанско Езеро. Прекрасниот поглед на малото езеро се овозможува од ридот Горица, додека на големото езеро од Долно Дупени. Во малото Преспанско Езеро има два острова еден Ахил (ние го викаме Аиљ, со меко љ, се насмевнуваат), а вториот остров се вика Видринец. Два острови има и на големото Преспанско Езеро, еден е т.н. змиски остров или Голем Град тоа е грешка што така го викаат, а вториот остров е Мал Град и се наоѓа пред селото Пустец.
Сакаме, велат нашите домаќини, што повеќе народ да се движи низ Преспа, секој ден да има туристи, посетители, да видат што се имаме. Сега, засега и секоја година, најмногу луѓе доаѓаат на 17 јануари, кога токму тука на преминот доаѓаат претставници на боречките организации од Ресен и Битола да положат цвеќе на споменикот на младите партизанчиња од леринските села кои минувајќи ја границата за да влезат во Долно Дупени. На спомен плочата пишува – На седумте младинци борци од Лерин ѕверски убиени на 17 јануари 1944 година од бугарскиот фашистички окупатор.
-Споменикот треба да се обнови, но и обележјето „Маркова нога“ кое е запуштено. Секој добронамерен патник треба да го види и нашето Долно Дупени. Во селото има 11 цркви, селската црква се вика „Св. Архангел Михаил“, манастирот се вика „Сретение Господово“ и во него се најубавите резби што датираат од 1908 година. Најстара е црквата „Св. Атанас“ и е со фрески со сите светци. Во периодот на отоманската империја селото беше токму околу црквата „Св. Атанас“ повисоко во планината Баба, а по 1913 година македонското население почна да слегува поблиску кон езерото, потсети Љушков.
Сите загледани кон езерото забележавме риболовец како се приближува кон брегот, домаќините во еден глас рекоа – еве чунка (чун, кајче) на брегот со солиден риболов, ќе има преспански крап на трпеза.
Марјан Танушевски
Фото: МИА