Македонската одбојкарска репрезентативка, Софија Ричлиева (24), ја продолжува интернационалната кариера во финскиот Џими Волеј.Таа вчера потпиша за овој клуб, а минатата сезона настапуваше во Шпанија.
Ричлиева игра на позицијата техничар и на финскиот суперлигаш, кој минатата сезона ја заврши на осмото место, ќе му помогне да ги оствари амбициите за повисок пласман.
– Јас сум навистина мотивирана да му помогнам на тимот да ја оствари својата цел. Се сметам за самоуверена, креативна и посветена одбојкарка. Комуникацијата со тренерот, соиграчите и тимската позадина ми е важна, стои во пренесената изјава на Ричлиева од клубот.
Досега таа настапувала во Италија, Турција, Косово, Данска, Грција, Хрватска, и Шпанија. Финската женска одбојкарска лига е силна и во тамошните клубови настапуваат одбојкарки од голем број земји, а најмногу од САД.
Софија е ќерка на долгогодишниот тренер на ОК Струмица, Кирил Ричлиев, од кого уште на седумгодишна возраст почнала да ги совладува тајните на одбојката.
Фото: „Џими Волеј“