Најмалку 128 мигранти во два брода се наоѓаат во Медитеранот и постои опасност да се удават, пишува денеска италијанскиот весник „Република“.

На првиот брод, кој е речиси потонат, се наоѓаат 60 луѓе, додека на вториот има 68 патници.

Меѓу нив, според пораките на телефонот за итни случаи Аларм, има и многу деца кои заминале во Европа со своите родители, од бреговите на Либија.

Според „Република“, во тоа подрачје има турбуленции и силен ветер и потребна е итна интервенција.

Неколку часа по барањето за помош, Аларм во ажурираниот твит наведува: „Изгубивме контакт со 60 луѓе на гумен чамец кој издишува!“

Во изминатите 24 часа, организацијата Лекари без граници извршија четири спасувачки операции во јужниот дел на Сицилија.

Во пристаништето Покало на Сицилија вчера пристигнаа 406 мигранти и бегалци, главно од субсахарска Африка, Сирија и Либија.