Пазарџиите во Ресен денеска своите производи ги продаваат на улица, на магистралниот пат Охрид – Битола, поради не продолжување на договорот за закуп на сопственикот на објектот со Јавното комунално претпријатие „Пролетер“.
Објектот во кој досега преспанци ги продаваа своите прозводи е во сопственост на ДООЕЛ Пеце Џурковски, а со договор до почетокот на август за јавно-приватно партнерство со Јавното комунално претпријатие во Ресен функционираше како Градски пазар.
Градоначалникот на општина Ресен Живко Гошаревски и директорот на ЈКП „Пролетер“ Музафер Мурати велат дека не успеале да се договорат со сопственикот за закупнината, која, според нив, досега била превисока.
– Партнерот од Германија бараше превисока сума за закупнина и не успеаја да се договорат со ЈКП. Му понудивме тој да го води пазарот, но не прифати. Општината во понеделник ќе викне колегиум и ќе ги разгледаме можностите за враќање на пазарџиите на стариот градски пазар, изјави Гошаревски за МИА.
Условите на стариот пазар, според него, не се соодветни, но, најави дека општината и ЈКП „Пролетер“ ќе преземат мерки за негово адаптирање и моментално згрижување на пазарџиите. Понатаму, појасни градоначалникот, општината и ЈКП ќе разгледаат можности за ново партнерство или инвестиција во нов пазар.
Директорот на ЈКП „Пролетер“ Мурати истакна дека за месечна закупнина плаќале 48.000 денари, а месечните приходи не биле на ниво на закупнината.
– Договорот заврши во август и не го продолживме. Објектот го предадовме во вторникот и понатаму не знаеме како ќе продолжиме, изјави Мурати.
Од компанијата сопственик соопштија дека пред пет-шест месеци ЈКП „Пролетер“ побарал од нив раскинување на договорот за закуп кој важел до почетокот на август 2018 година.
– По преговорите кои се водеа телефонски и лично, а некои и во присуство на градоначалникот не успеавме да изнајдеме решение за зелен пазар во Ресен . Половина август и цел септември објектот беше бесплатно даден на користење на закупецот ЈКП „Пролетер“, соопшти ДООЕЛ Пеце Џурковски.
Пазарџиите револтирани за новонастанатата состојба, бараат итно изнаоѓање решение и соодветни услови за продажба на нивните производи.