Прекумерен износ на пари на раководни лица во федерациите, трансфер на пари од наменските сметки на федерациите и други неправилности конастатирал Државниот завод за ревизија (ДЗР) во работата на Агенцијата за млади и спорт, „куќата на спортот“ во Македонија.
Во ревизијата е ставено до знаење дека постои сомнеж за вистинитоста и објективноста на финансиските активности на АМС, со која раководи поранешниот ракометен репрезентативец Наумче Мојсовски. Како најголем проблем е наведен начинот на кој Агенцијата за млади и спорт префрла пари на националните спортски федерации.
– Агенцијата за млади и спорт не воспоставила соодветни внатрешни контроли кои треба да го обезбедат наменското и законското користење на средствата кои се трансферираат на НСФ за реализација на нивните активности. Во врска со распределбата на средства до НСФ, АМС не изградила соодветни критериуми со кои ќе се обезбеди систем на објективна, пропорционална и праведна финансиска поддршка на НСФ согласно краткорочни и долгорочни приоритетни активности, а склучените договори со НСФ не содржат одредби со кои ќе се допрецизира намената на одобрените средства. Слични слабости се констатирани и во делот на средствата кои се исплатени за поддршка на млади и талентирани спортисти “Спортска надеж” како и за распределбата на средства по издадените ваучери за спорт, се наведува во делот од ревизорскиот извештај.
Мојсовски и соработниците од раководството на АМС исплатиле прекумерен износ на пари на раководните лица во федерациите, а вршен е и трансфер на средствата од наменските сметки на федерациите кон спортски клубови без соодветна документација за реализираниот трошок.
– Кај две НСФ исплатен е износ за плати за две лица во вкупен годишен износ од 2 милиони и 552 илјади денари, или 54%, односно 56% од вкупниот износ доделен од АМС. Кај една НСФ утврдивме повеќекратни исплати во висина од вкупно 300 илјади денари на едно лице – генерален секретар на НСФ, како и дополнителни 100 илјади денари на други четири лица, без објаснување за критериумите врз основа на што е определен износот, како и работниот ангажман кој е извршен, се вели во извештајот на ДЗР.