Уверување за надминување на состојбата во која се наоѓаат лицата со дијабетес добија денеска овие пациенти на средбата со министерот за здравство Фатмир Меџити кој им најави дека при крај е анализата за пронаоѓање модел за да се избегнат досегашните проблеми.
-Министерството за здравство побара разбирање од пациентите за оваа состојба која вети дека во брзо време ќе биде надмината, а министерот Меџити истакна дека по преземање на функцијата максимално ќе се заложи ваквите застои во набавките повеќе никогаш да не бидат случај, се вели во соопштението.
Дијабетичарите си ја бараат терапијата. Со месеци мака мачат да дојдат до глукомери и терапија, Велат, имаме најиновативна инсулинска и антидијабетска терапија, но не ја добивме.
Меџити на денешната средба истакна дека има целосно разбирање за нив и рече дека додека тој е министер доцнење на набавки за лекови повеќе нема да има.
-Правиме се во наша моќ што побрзо се завршат правните процедури кои како институција мора да ги почитуваме. Како што веќе во неколку наврати информиравме, во моментот течат жалбените постапки на набавката на ленти, процедура која не зависи од Mинистерството. Доколку Второстепена комисија ја одбие жалбата веднаш ќе се пристапи кон склучување на договорот за набавка на ленти и глукометри за пациенти со тип 1 и тип 2, информираше Меџити.
Тој на претставниците на Сојузот на здруженија на дијабетичари им објасни дека откако ќе стигне решението од Второстепена комисија при Државна комисија по жалби за јавни набавки – одлуката станува конечна, по што веднаш ќе биде склучен договорот за набавка на ленти и глукометри за тип 1 и тип 2 и во најбрз можен рок ќе се почне со распределба во инсулинските аптеки.
-Сите процедури во рамки на Министерството за здравство се завршени во најкраток рок, навистина жалам што набавката доцни, таа требала да се започне уште во декември од претходното раководство, истакна Меџити.
Mинистерот денеска ја потпишал и одлуката за избор на најповолен понудувач за набавка на сензори за континуирано мерење шеќер во крвта за сите деца со дијабетес, како и бремени жени и слепите лица, кои првпат ќе добијат вакви сензори.
Лицата со дијабетес денеска, во 19 часот, пред Министерството за здравство, ќе излезат на мирен предупредувачки протест за безбеден и квалитетен живот. Протестот е во организација на Сојуз на здруженија на дијабетичари на Македонија (СЗДСМ), кој повикува тој да не се користи во политички цели.