Намалувањето на средствата на ЕУ за развојна помош на земјите надвор од Унијата ќе создаде вакуум што ќе го пополнат Русија и Кина и ќе ја зголеми миграцијата кон Европа, изјави ирскиот министер за меѓународен развој, Нил Ричмонд.
„Ако го намалите развојниот буџет на една земја, тоа ќе ги принуди луѓето да се иселуваат. Ако немаат пристап до квалитетна здравствена заштита и ако инфраструктурата околу нив се распаѓа, тие ќе си заминат“, ја пренесува политичкиот портал „Политико“ изјавата на Ричмонд дадена пред денешниот состанок на министрите за развој на ЕУ во Даблин.
Тоа е прв состанок на министрите за развој на Унијата по речиси две години што, според Ричмонд, покажува дека хуманитарната помош го губи значењето на глобалната агенда.
Тој посочи дека глобалната развојна соработка во изминатата година се намалила за повеќе од 23 проценти, не само поради намалувањето на американските средства, туку и поради кратењата во повеќе земји членки на ЕУ. Според него, Ирска и Шпанија се единствените две земји што ги зголемиле буџетите за развојна помош.
Главниот фонд на ЕУ за финансиска помош на земјите надвор од Унијата, „Глобална Европа“, е меѓу програмите за кои би можеле да бидат намалени средствата во рамки на ирскиот предлог за преговарачката рамка за повеќегодишниот буџет.
Европската комисија предложи буџет од околу две милијарди евра за периодот од 2028 до 2034 година, но некои земји-членки го оценија како преголем и побараа значителни кратења. Дел од нив предлагаат намалување на развојната помош за да се зачуваат средствата за други области, како одбраната, земјоделството и кохезионата политика.
Ирска како актуелен претседавач со ЕУ, утре треба да ја претстави својата преговарачка рамка за буџетот, објави „Политико“.




