Коментарите кои слушам дека ги дала амбасадорката на САД во земјава Анџела Агелер во писмото упатено до неколку институции на извршната и судската власт, се истите коментари што и јас ги давав кога бев амбасадор во Скопје пред 15 години, порача поранешниот американски помошник државен секретар и некогашен амбасадор во земјава Филип Рикер.
– Луѓето се фрустрирани и незадоволни од напредокот во однос на корупцијата. Овде не се работи за партии, ова е за одлуки на земјата во целина. Сите треба да кажат дека ќе го промениме ова. САД го поддржаа тоа, изјави Рикер во гостување во дневникот на ТВ Сител.
Тој додава дека САД инвестираат во реформските напори преку најразлични програми за да ги помогнат судските реформи, за што изминативе години вложиле нешто над 560 милиони долари.
– Тоа е инвестиција и сакаме да видиме резултати од таа инвестиција. Користа од таа инвестиција би требало да биде за сите луѓе на С. Македонија да може да се чувствуваат покомотно во својата работа. Ние имаме вакви дебати во САД, имаат и другите земји, но вие сите заедно мора да направите напор за да видите промени и поинаков пристап, истакна Рикер.
Во однос на договорот со „Бехтел и Енка“ за изградбата на коридорите 8 и 10д, Рикер нагласува дека постојат процеси и процедури кои се пропишани со закони, правила и регулативи за реализација на вакви проекти.
– Лично не ги знам во детали, но тоа треба да биде легитимниот тест за овој случај. Јас знам дека инфраструктурата е важна и ова го слушам со години, но ајде да реализираме некои од овие проекти, порача Рикер, додавајќи дека се сеќава оти за нив се разговарало уште кога бил амбасадор во Скопје, а и кога дошол првпат во земјава во 90-те години на минатиот век.
Тој порача дека треба да се следи владеењето на правото и процедурите и да се направи она што е неопходно за да се оствари напредок во реализацијата на овие проекти.
Говорејќи за евроинтеграцискиот процес, Рикер нагласи дека САД веруваат оти Македонија треба да стане членка на ЕУ.
– Тоа не е решение само за земјата, туку и за целиот регион на Запатениот Балкан, каде треба да има демократски држави силно поврзани преку институциите на евроатланската безбедност, вклучувајќи ја и Унијата. Се надевам дека тој процес ќе се придвижи напред. Клучно е да се искористи можноста во процесот и да се направат реформите што се потребни, да се фокусирате на економската корист и од таму треба да бидете цврсто во Европа, додаде Рикер.