Оваа посета е исклучителна важност за компаниите што изложуваат тука, но и за сите останати земји од ЦЕИ. Кина е наш четврти партнер по размена на стоки и трговија и сметаме дека со изложувањето на овие 14 македонски компании на овој штанд ќе има поголем интерес за извоз на македонски производи и стоки на кинескиот пазар, изјави денеска за МИА заменик министерот за економија Марјан Ристески кој ја предводи македонската делегација на 4. Саем на Кина со земјите од Централна и Источна Европа.
Како што јави известувачот на МИА, Ристески оствари средба со заменик министерот за трговија на НР Кина задолжен за надворешна трговија, Линг Џи (Ling Ji), на која во фокусот беа разговори за поголемо присуство на македонските производи во Кина, но и за зголемување на бројот на кинески туристи во нашата земја, како и за нови потенцијални кинески инвестиции во земјата и отворање на нови работни места.
– Се надевам дека оној голем дефицит што го имаме со Народна Република Кина во иднина ќе биде пoмал, во интерес на нашите компании за извоз на наши производи. Кина има најголем интерес за инвестиции во инфраструктурата, во областа на енергетиката, зелената економија и нови технологии. Од оние инвестиции кои ги имаме во Кина, тоа е фабриката во економската зона во Кичево, за изградбата на патиштата Миладиновци – Штип, и моментално изградбата на патот Кичево- Охрид. Исто така претходно сме имале инвестиции во изградбата на хидроцентралата Козјак, меѓутоа сметаме дека ќе има уште поголеми инвестиции што ќе следуваат во наредниот период, изјави Ристески.
На македонскиот штанд на Саемот во Нингбо со свои производи се претставуваат компаниите Алтера Фуд, Витаминка, Винчини, Бест Фуд, Виталија, Евал, М3ДС Академи, Соко Горица, Техногума, како и вината на Тиквеш, Стоби, Имако, Крњево и Лепово. Македонски вина се веќе присутни на кинескиот пазар.
– Кина е четврта земја по ред со која Република Северна Македонија остварува најголем обем на размена со светот. Според податоците од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, во 2024 година сме извезле производи со вкупна вредност од само 56,740 американски долари, додека увозот од Кина бил 1,165,780 американски долари. Во 2023 година извозот бил 112.339 американски долари, а кај нас се увезени производи со вкупна вредност од 1.083.920 американски долари. Интенцијата е да се направат напори што повеќе македонски производи да се извесуваат на овој милионски пазар со огромен потенцијал, а со тоа и да се намали дефицитот во трговската размена кој е огромен и од година во година се зголемува.
Четвртиот Саем на Кина со земјите од Централна и Источна Европа го отвори државната советничка Република Кина Шен Јичин, а зборуваа и претседателот на словачкиот Парламент Ричард Раси, како и потпретседателката на словенечкиот Парламент Меира Хот.
Кинеската државна советничка ги истакна постигнувањата во рамките на соработката помеѓу Кина и земјите од ЦЕИ, но и намерите на нејзината земја за продолжување и интензивирање на соработката, и покрај глобалните промени, особено во транспортот, трговијата, инвестициите, технолигијата, размена на искуства.
– Ги охрабруваме бизнисите од двете страни да соработуваат, рече таа, нагласувајќи го потенцијалот што го има Кина како втор најголем пазар во светот.
На саемот на 20.000 метри квадратни се претставени преку 8.000 производи од повеќе од 400 изложувачи од 14 земји од ЦЕИ и девет други европски држави, а се очекуваат 15.000 професионални учесници. Исто така на изложбен простор од 60.000 метри квадратни се претставени преку илјада компании со над 3.000 прекуокеански купувачи од 72 земји и региони.
На саемот се изложени различни производи почнувајќи од прехранбени производи до иновации направени со новите техонологии, хуманоидни роботи, скии кои можат да се преклопат и да се носат во кофер, сладолед од соја и друго.
Соработката на Кина со земјите од Централна и Источна Европа датира од 2012 година. Покрај Северна Македонија, во процесот се вклучени Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Чешката Република, Грција, Унгарија, Црна Гора, Полска, Романија, Србија, Словачка и Словенија. Годинава како почесни гости на Саемот се Словачка и Словенија, кои имаа специјално претставување на своите штандови и, како што најавија нивните шефови на делегации овде во Нинбо, исто така очекуваат интензивирање на соработката со Кина и влез на нивни производи на овој милионски пазар.
Во 2024 година вкупната трговска размена меѓу Кина и земјите од ЦЕИ изнесувала 142,3 милијарди долари. Во овие земји минатата година Кина извезла производи во вкупна вредноста од 111, 1 милијарди долари, додека увозот од овие земји извесува само 31, 2 милијарди долари.
Најголеми трговски партнери на Кина во 2024 година од земјите од ЦЕИ се Полска, Чешка и Унгарија. Во 2024 година инвестициите на Кина во земјите од ЦЕИ изнесувале 24 милијарди долари.
Во изминатите 13 години во рамки на оваа соработка воспоставени се преку 50 платформи за соработка со земјите од Централна и Источна Европа во повеќе од 20 области вклучувајќи ја економијата, трговијата, инвестициите, финансиите, транспортната инфраструктура, скајтеч иновациите, енергетиката, културата, туризмот, образование, медиумите, соработка на локално ниво, надзор и карантин, здравство, и шумарство со повеќе од 500 практични мерки кои веќе се спроведуваат, информираат од кинеското Министерство за надворешни работи.
Преку оваа соработка се реализираат или се завршени повеќе инфраструктурни проекти, како железничката пруга Белград-Будимпешта, Пристаништето во Пиреа Piraeus, мостот Пељешац во Хрватска, HBIS Железарата во Смедерово во Србија, автопатот Север – Југ во Црна Гора и ветерниот парк Ивовик во БиХ. Кај нас завршен е автопатот Миладиновци – Штип, а на Кичево – Охрид се уште се работи.
Во рамките на оваа соработка преку инвестициски фонд беше овозможена специјална кредитна линија од 10 милијарди долари за земјите од ЦЕИ.
Кина дозволи увоз на преку 200 категории на храна, земјоделски производи и друго од земјите од ЦЕИ. Овозможени се преку 50 карго летови неделно до земјите од ЦЕИ, а исто така се зголемува и бројот на кинески туристи кои ги посетуваат овие европски земји, меѓу кои и нашата. Кина исто така започна и со воведување на визни олеснувања.
Фото: МИА