Јас сум разочарана од одлуката на Советот. Навистина не знам зошто, и покрај демонстрираниот професионализам и интегритет, работата на случаи како „Таргет-Тврдина“, „Талир 1“ и „Талир 2“ и, паралелно, со тоа работа во „Еуроџаст“ (агенција на ЕУ за соработка од областа на кривичното право), за која сум пофалена од самата институција, јас не заслужувам унапредување, изјави Ленче Ристоска, јавната обвинителка за „360 степени“.
Таа не го криеше своето разочарување од одлуката на Советот на јавни обвинители. Посакува барем да имало образложение зошто членовите на Советот гласале така како што гласале.
Обвинителите од поранешното СЈО, Лиле Стефанова, Артан Ајро и Трајче Пеливанов, како и обвинителките Катерина Коларевиќ и Наташа поп Трајкова, ќе бидат обвинители во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
Против промоција на Ленче Ристоска во виш јавен обвинител гласаа 7 од 11 члена на Советот на јавни обвинители: државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, тројцата членови Албанци – Иџет Мемети, Фаик Арслани (и двајцата поранешни министри) и Арбер Исаку, поранешниот претседател на Советот, Коле Штерјев, како и членовите Јасна Жежова и Ангел Солев.