Тврдејќи дека нема никаква поврзаност со собраниските случувања од 27 април, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески пред судот рече дека е спремен преку полиграфско тестирање да се соочи со сведокот Александар Василевски Нинџа кој претходно го посочи како еден од организаторите. Давајќи исказ пред судот рече:
-Дека Александар Василевски – Нинџа не ја говори вистината сведочеа и актуелниот претседател на Владата, поранешен претседател на државата и многу други функционери. Јас за овој немил настан кој никогаш не смее да се повтори, пред Бог, пред себеси и најважно пред моето семејство сум чист и со ништо не сум придонесел да се случат немилите настани на 27 април, рече Јанакиески, а за неговиот адвокат вештачењата се доказ дека со останатите обвинети во тој период немал комуникација.
И обвинетиот поранешен министер за образование Спиро Ристовски го негираше сведочењето на Нинџа.
-Станува збор за невистинит исказ од лицето Александар Василевски – Нинџа. На денот на настанот не сум комуницирал, ниту пак сум го сретнал во просторите на ВМРО-ДПМНЕ, како што тој тврди. Во тој период немав никаква партиска функција, не сум имал никаков контакт со структурите на партијата.- Спиро Ристовски – Обвинет.
А дека нема инволвираност во организација тврдеше обвинетиот тогашен шеф на УБК Владимир Атанасовски.
-Не сум учествувал во организација и планирање на настаните од 27.04.2017. Како директор на УБК ги преземав сите активности согласно закон.- Владимир Атанасовски – Обвинет.
Вељаноски, Јанакиески, Ристовски и Атанасовски се обвинети за организирање на собраниските инциденти, а на вчерашните пратенички прашања во собранието премиерот Зоран Заев слично како и во сведочењето пред судот во ноември лани, рече дека според неговите сознанија тие не се организатори.