Русија ќе биде подготвена да ги разгледа новите предлози од САД за замена на суспендираниот нуклеарен договор од времето на Студената војна со нов договор, кој вклучува неколку земји, изјави денеска рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков.
Русија во текот на викендот го прекина Договорот за нуклеарно оружје со среден дострел (ИНФ) откако Вашингтон објави дека ќе се повлече од ИНФ во рок од шест месеци доколку Русија не стави крај на неговото прекршување. Москва ги отфрли таквите обвинувања.
Со Договорот од 1987 година елиминирани се арсеналите ракети од среден дострел на двете најголеми светски нуклеарни сили, но им остава на другите земји слобода да ги произведуваат и распоредуваат.
Американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела изјави дека сака да разговара за создавање нов договор за контрола на оружјето.
– Се разбира дека во изјавата на претседателот Трамп ја воочивме можноста за потпишување нов договор кој треба да ги вклучи и другите земји како свои учесници. Се надеваме дека тој предлог е конкретен и дека ќе биде ставен на хартија, рече Рјабков на прес-конференција во Москва.
Тој истакна дека САД се уште не испратиле на Москва каков било конкретен предлог за нов договор.