Вкупниот просек на спроведувањето на реформите во енергетската област согласно со обврските од Договорот за Енергетска заедница на државава е 59 проценти, ја рангира на второ место од деветте земји кои се споредуваат.
Годишниот пораст на Република Македонија е 10 проценти.
Тоа е наведено во денеска објавениот „Годишен извештај за имплементација“ изработен од Секретаријатот на Енергетската заедница, кој го прикажува напредокот при спроведувањето и имплементацијата на европското законодавство на земјите-договорни страни на Договорот за основање на Енергетската заедница.
Извештајот, како што соопшти Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на РСМЕ (РКЕ), нотира дека Македонија е „шампион во реформите во сите енергетски сектори“.
РКЕ е рангирана на прво место во напредокот при спроведување и примена на европското законодавство согласно со Договорот за основање на Енергетската заедница и е оценета со 78 проценти.
-Во изминатите 17 месеци Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на РС Македонија успешно го имплементираше Законот за енергетика и Третиот енергетски пакет на Европската унија, преку донесување и одобрување на 33 подзаконски акти, што беше голем предизвик имајќи ги во предвид кратките рокови и сложеноста на прашањата со кои се регулира енергетскиот сектор. Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на РС Македонија успешно ги спроведе: сертификацикацијата на операторот на електропреносниот систем; правното, функционалното и оперативно раздвојување на операторот на електродистрибутивниот систем; работењето на универзалниот снабдувач со електрична енергија; либерализацијата на пазарите на енергија; намалувањето на цените и тарифите на енергијата и услугите кои ги користат потрошувачите, соопшти РКЕ.