Цените на бензините од ноќеска на полноќ се зголемуваат за 1,5 денари за литар, а дизел горивата поскапуваат за еден денар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ).
Со одлуката се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,76 отсто.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,5 денари за литар, и ќе изнесуваат 62,5, односно 64,5 денари. Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ1) се зголемуваат за еден денар така што ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) ќе се продава за 53, а Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) за 42 денари за литар.
Со одлуката на РКЕ за 1,448 денари за килограм се зголемува и малопродажната цена на Мазутот М-1 НС и ќе изнесува 32,884 денари.
Како причина за зголемувањето на малопродажните цени на нафтените деривати од РКЕ ги посочуваат зголемените референтни цени на нафтените деривати на светскиот пазар во изминатите седум дена и тоа кај бензинот во просек за околу 5,317 отсто и кај дизелот за околу 5,308 отсто, како и за 0,666отсто повисокиот курс на доларот во однос на денарот.