Шпанските власти спасија 52 Романци кои беа држени во нехумани услови на плантажа во Шпанија од нивни сонародници кои ги третираа како робови, јавува ТВ Диги 24.
Работниците беа донесени од Романија со ветувања за високи плати и одлични услови, но беа изложени на малтретирање и принудени да спијат во бедни колиби во Андалузија, каде што се одгледуваат портокали и други плодови.
Намамени од импресивни огласи на социјалните мрежи, на измамените работници по пристигнувањето во Шпанија им биле одземени личните документи. Тие биле сместени во бараки опишани од шпанската полиција како вистински жаришта на мизеријата и на крајот добивале ниски плати бидејќи им биле задржани средства за сместување и превоз, кои според огласите биле бесплатни.
Водачите на шемата не се двоумеле да им се заканат со насилство на оние кои се осмелиле да се пожалат. Атмосферата на терор ги држела работниците во постојан страв и тие не се осмелиле да побараат помош.
Шпанската полиција интервенирала откако еден од работниците повикал полиција да го пријави инцидентот.
Во рамките на акцијата на шпанската полиција, приведени се шест Романци, идентификувани како водачи на мрежата за експлоатација, а сите 52 работници пронајдени во неколку бараки се ослободени.
фото: МИА архива