Во САД, на почетокот на школската година се зголемуваат тензиите меѓу родителите антиваксери и противниците на мерката децата да носат маски за време на настава, и наставниците кои ја спроведуваат одлуката на федералните власти.
Училишната настава во САД започнува на различни датуми во зависност од одлуките на окрузите и сојузните држави. Во американските медиуми се појавуваат извештаи за вакви невообичаени расправии што понекогаш завршуваат со тепачки или вербални навреди меѓу родители и наставници.
Печатот и телевизиите оваа антисоцијална појава ја нарекоа „војна на маски“.
Така на пример во Сaтер Крик, Калифорнија, татко на ученик основец неодамна натепал наставник кој сакал да запре гласна расправија меѓу родител и директорот на школото. Учителот завршил со раскрварен нос, исеченици и модринки на лицето и главата. На таткото му било забрането да влегува на територијата на школото и може да се соочи со тужба за физички напад.
Во округ во Остин, Тексас, родители вербално навредиле и физички нападнале наставници. На родителски состанок по повод почетокот на наставата, родител ја истргнал маската од лицето на една наставничка. Тензиите во Тексас се можeби најизразени.Така, некоколку тамошни окрузи не ја почитуваат наредбата на гувернерот Грег Абот, и на судот, да не се носат маски. Интересно е тоа што Врховниот суд на Тексас неодамна ја поддржа наредбата на гувернерот за неносење маски. Нејаснотиите околу режимот на маски го поместија датумот за почеток на наставата во повеќе окрузи.
Во Хаваи, на почетокот на август беше донесена мерка сите вработени во државна служба, вклучително и училиштата, да покажат доказ за вакцинација или да прават неделни тестови. Противниците на мерката започнале протести пред зградата каде живее заменик гувернерот Џош Грин.
Според извештаи во американски медиуми,околу стотина насобрани пред станбената зграда каде заменик гувернерот живее со неговата сопруга и двете деца на возраст од 14 и 10 години, викале навреди преку разгласи а флаери со зборови „Евреј“ и „измамник“ биле залепени низ соседството.