Родителите на ученици од 10 училишта од Општина Гази Баба испратија писмо до министерот за образование и наука Јетон Шакири, во кое му порачаа дека ако не им помогне во решавање на проблемот ќе го блокираат автопатот, регионалниот пат, а ќе постават и шатори пред МОН!

Нивното писмо го пренесуваме во продолжение:

Почитуван Министер,

Се одлучивме преку јавноста да го испратиме ова писмо до Вас со цел да ги истакнеме нашите гледишта, наспроти Вашата примена на сила, закани и ултиматум кон нас како родители и кон општината.

Ние жителите од Јурумлери, Колонија, Идризово, Дрма, Гоце Делчев, Трубарево и цела Гази Баба живееме сложно со нашите сограѓани Албанци, Роми, Срби, Турци, Власи и сите останати. Помеѓу нас пред се како соседи, а дел од нас се и роднински поврзани како кумови, старосвати владее соживот и на различностите поради нашата вероисповест гледаме како на предизвик за запознавање на нешто туѓо, а не како пречка за заеднички комшиски живот.

Учењето во ООУ Његош е овозможено за сите дечиња од нашиот крај. Наставата во одделенската настава се врши на македонски и албански јазик како што е опишано и со Статутот на нашето училиште, а додека за предметната настава учењето на македонски јазик се одвива во ООУ Његош, додека учењето на албански јазик се врши во соседното училиште во Огњанци за што општина Гази Баба обезбедува бесплатен превоз за дечињата кој организирано ги зема од своите домови до училиштето и назад од училиштето до својот дом со што тезите дека се врши дискриминација за настава на својот мајчин јазик не држат вода.

Почитуван Министер,

Жалиме што Вие како Министер во Владата наместо да бидете медијатор и да делувате во насока на надминување на ситуацијата, Вие одбравте од Ваши партски интереси да завземете страна и јавно на социјалните мрежи да се сликате и објавувате слики со лицата кои вештачки создаваат етнички проблем во нашето населено место. Последната слика е објавена и направена пред само еден ден, кога кризата завзема досега најголеми размери.

 

Жалиме што наместо преставник на народот, ние имаме Министер кој се слика со луѓето кои јавно со зборување и коментирање на социјалните мрежи се закануваат, а откако сите ние ги видовме сликите станува јасно кој и од каде им дава моќ да се однесуваат така.

Почитуван Министер,

305 ученици посетуваат настава на македонски јазик во ООУ Његош и во одделенска и во предметна настава, Вие дозволивте да се создаде ваков проблем со целосен бојкот на наставата повеќе од 10 дена за 10 ученици албанци во шесто одделение кои повеќе не сакале да користат бесплатен превоз и да посетуваат настава во Огњанци.

Ја користиме и оваа јавна можност да го повикаме претседателот на Владата г-дин Димитар Ковачевски да посвети внимание на нашиот проблем и се надеваме дека тој нема по стапките на неговиот Министер да завземе страна туку ќе биде над целата состојба со цел изнаоѓање на решение.

Денес во 17:30 часот излегуваме на голем протест пред зградата на училиштето Његош и ова е нашиот последен протест тука. По завршување на протестот ќе оддржиме состанок на кој ќе ги утврдиме следните активности кои ќе одат во насока на наша радикализација со блокирање на автопатот, регионалниот пат и клучни раскрсници низ Скопје, а не ја исклучуваме и можноста за поставување на шатори пред зградата на Министерството за образование и наука.

Господине Јетон Шакири, нема да дозволиме нашите деца да бидат експрименти во Вашите раце.

Господине Јетон Шакири, Вие си поигравте со нас како родители, ја злоупотребивте наша доверба и не излажавте дека не ги познавате луѓето кои ги подгреваат тензиите за потоа да се објавуваат фотографии од неформални средби по рестораните низ Скопје.

Господине Јетон Шакири немојте поради Вашите партиски интереси да ја воведувате цела Гази Баба во бојкот. Не си поигрувајте со нашите чувства, кога во прашање се нашите деца.

Зад ова писмо стојат родители на ученици од:

ООУ Његош, населено место Јурумлери

ООУ Крум Тошев, населено место Трубарево

ООУ Крсте Мисирков, населено место Ченто

ООУ Дане Крапчев, населено место Ченто

ООУ Кирил и Методиј, населено место Стајковци

ООУ Наум Охридски, населено место Булачани

ООУ Стив Наумов, населба Автокоманда

ООУ Григор Прличев, населба Железара

ООУ Вера Јоциќ, населба Хиподром

ООУ Наум Наумовски Борче, населба Маџари