Градските власти во Париз се казнети за ангажирање премногу жени на високи позиции, одлука што во вторникот ја исмејуваше како апсурдна градоначалничката Ан Идалго, објави „Гардијан“.
Казната од 90.000 евра (109.369 американски долари) ја побара француското Министерство за јавна служба со образложение дека Градот Париз ги прекршил националните правила за родова еднаквост при вработувањето на персоналот во 2018 година.
„Задоволна сум што објавувам дека сме казнети, изјави Идалго, член на Социјалистичката партија, на состанокот на градскиот совет, додавајќи дека е пресреќна што дознала за казната, наведува весникот.
Идалго рече дека е обвинета затоа што 11 жени и само пет мажи биле назначени на високи позиции во канцеларијата на градоначалникот во 2018 година, што значи дека 69 отсто се жени.
„Раководството на градското собрание одеднаш стана премногу феминистичко“, рече Идалго, која беше реизбрана за нов мандат на чело на Париз минатата година.
Според текстот на одлуката, цитиран од Ле Монд, кабинетот на градоначалникот го прекршил правилото од 2013 година според кој еден пол не треба да претставува повеќе од 60 отсто од номинациите за раководни позиции.