За мене, начинот на кој што јас всушност го гледам тој нон-пејпер, иако не сум експерт за толкување на такви документи, мислам дека првин тоа што треба да се случи е да се усвојат уставните измени, за да може да се започнат преговорите – изјави евроамбасадорот Михалис Рокас кој при посетата на Штип одговараше на новинарско прашање, дали нон пејперот на Франција и Германија овозможува Македонија да ги отвори преговорите со ЕУ, без промена на Уставот.
– Се разбира, со усвојување на уставните амандмани, всушност самата преговарачка рамка која што беше договорена во 2022 година, тоа и го кажува. Потоа, како следен чекор, е меѓувладината конференција, по што следува и започнување на официјалните преговори, така што јас сум навистина убеден дека РС Македонија ќе може многу брзо да напредува на нејзиниот евроинтегративен пат и во зависност на имплементација на бараните реформи како дел на агендата-вели Рокас.
Евроамбасадорот додаде дека земјите од Западен Балкан очигледно е дека нашироко разговараат за нон-пејперот којшто беше предложен од страна на канцеларот на Германија, Фридрих Мерц и на францускиот претседател Емануел Макрон. Рокас посочи дека овој документ ги опишува сите чекори што треба да се случуваат за да може да се почнат преговорите.
-Меѓутоа од тоа што всушност можеме да видиме сите, дека е јасно оти тоа е еден документ кој што ги опишува сите чекори Така што, сето тоа всушност покажува дека со тоа само се зајакнува процесот на интеграција, затоа што за да може да преговарате за нешто, ќе треба првин да отворате поглавја, да преговарате за да може понатаму да може да ги затворите. Мислам дека најголемата порака којашто всушност произлезе од самитот во Тиват е дека всушност процесот на проширување на Европската Унија е жив, е динамичен и дека е ургентен и дека земјите кандидатки не треба да ја пропуштат оваа можност за станување членки во Европската Унија-изјави Рокас.
Прашан како ги оценувате реформските процеси кои што ги спроведува Владата и дали и кога очекувате да се случат евентуално уставните измени во земјава, евроамбасадорот Рокас одговори дека не постои никаква сомнеж дека има силно забрзување на во реализација на тие реформи.
Рокас истакна дека претседателот на македонското Собрание, Африм Гаши вчера го информирал дека до крајот на јуни ќе се обидат да ги донесат законите кои се бараат согласно реформските процеси.
- Меѓутоа, како што веќе ви е познато, рокот за имплементација на реформите истекува. Ние сме во редовен контакт со Собранието, меѓутоа не можеме да предвидиме кога точно ќе завршат со реализација на овие реформи, меѓутоа тоа е еден процес за којшто на крај Европската комисија треба да ја направи проценката, за да се види до кој степен се реализирани тие реформи. Меѓутоа јас сум уверен дека ќе има добри резултати испорачани од самата земја, затоа што има силна соработка од страна на претставниците во Брисел, ние тука како претставници на Европската Унија, на Владата, на министерствата, сè со цел овие реформи да бидат реализирани – изјави Рокас.
Тој додаде дека што се однесува на усвојување на уставните измени, пред сè е политичка одлука и како што вели Рокас „всушност тое е одлука којашто ќе треба да се донесе од страна на Собранието и политичките сили, политичките партии“.
– Кога ќе одлучат да се оди напред, се разбира дека потоа е предвидена редовна процедура, исто така којашто ќе треба да се случи во Собранието, така што кога ќе одлучи Владата и политичките сили, кога тие ќе сметаат дека е вистинскиот момент, тогаш може да се направи последниот чекор за одење напред – рече Рокас.

Евроамабасадор Рокас прашан и дали има коментар за акцискиот план за малцинствата и однесувањето на Бугарија во врска со него вели дека за него имаше две јавни консултации кои што беа одржани, а исто така свој придонес имаше и Советот на Европа.
– Се разбира дека ова подлежи понатаму на проценката која што ќе се направи од страна на Европската комисија. Меѓутоа, нема никаква сомнеж дека ние сме на добар пат кон добар акциски план за малцинствата и, се разбира, како што веќе ви е познато, пред отворањето на кластерите за основните вредности, предуслови се патоказот за владеењето на правото, исто така акцискиот план за малцинствата. Овие два документа понатаму се праќаат на Европската комисија за оценување. Се разбира дека постои простор таму за понатамошно подобрување на самиот текст на двата документа, меѓутоа јас мислам дека во моментот тоа е тековен процес и до овој момент ние сме задоволни во врска со тоа како течат работите, со јавните консултации, чисто дел беа и граѓанските организации, невладините организации и други учесници коишто работат во оваа сфера, така што можат да ги претстават своите измени или амандмани – изјави Рокас.
На прашањето, кои се се околностите кои што го отежнуваат интегрирањето на Македонија во Европската Унија и во кои сегменти можеме да кажеме дека Македонија покажува добри резултати во овој правец, Рокас вели многу пати има кажано јавно оти во моментот кога земјата ќе почне да ги имплементира самите реформи со забрзан ритам, а реформи кои што се во сферата на владеењето на правото, борбата против корупцијата, и штом Македонија ќе може да ги исполни, односно ги исполни заложбите коишто ги има преземено во 2022 година, тогаш се надева дека ќе може да го започнат процесот за интеграција во Европската Унија, и се разбира дека самиот процес ќе се забрзува.
– Исто така, можам да ја пофалам и земјата што се однесува во контекст на усогласување на земјата со надворешната безбедносна политика, и тука мислам исто така и со политиката во сферата на одбраната. Навистина имаме одлична соработка со РС Македонија, така што во овој контекст имаме блиска соработка. Така што, штом се создаде моментумот, штом луѓето или челниците се прагматични, штом се има заедништво, т.е. единство, самата земја е решителна, за да може да се направи тој последен чекор кон започнување на преговорите, за којшто јас немам никаква сомнеж дека моментот, самиот моментум е тука за започнување на преговорите. И јас ја имам, всушност, вербата дека тој моментум е сега, меѓутоа исто така изискува и завршување на самите реформи, за да можат да се почувствуваат вистинските придобивки од започнување на преговорите со Европската Унија, меѓутоа и со крајното членство. Мислам дека како пример за тоа може да ја видиме Република Албанија и Црна Гора, коишто напредуваат забрзано на тој пат, ги гледаат придобивките од започнување на преговорите со ЕУ – вели Рокас.
Што се однесува на прашањето за негово мислење како евроамабсадор дека премиерот Христијан Мицкоски постојано зборува за принципиелност, односно непринципиелност и има категоричен став во однос на некои прашања, особено за условите под кои Бугарите би влегле во Уставот, Рокас одговори дека единствено нешто што може да кажи во однос на ова прашање е дека во политиката договорите треба да се испочитуваат, т.е. да се спроведат.
– Всушност, тоа што е најважно да го потенцирам е дека дел од акито, т.е. на правото на Европската Унија, како главен дел се исто така, се исто така и добрите меѓусоседски односи. Ние се наоѓаме во критични времиња, навистина, и всушност тоа што беше договорено пред четири години, т.е. во 2022 година, мислам дека е важно сега да се најде, значи, исто така, начин за да се оди напред. Мислам дека и лидерите на Европската Унија, коишто јас имав чест да ги пречекувам и тука, меѓутоа исто така и во Брисел, меѓутоа исто така и во Тиват, за време на самитот, значи, покажаа безрезервна поддршка и солидарност кон РС Македонија. Така што мислам дека сепак, значи, тоа е одлука на самата земја која што треба да ја земе. Важно е поддршка, поддршката на Европската Унија. Ние сме спремни да го олесниме овој процес, меѓутоа треба решителен чекор од страна на властите во вашата земја да се преземе сè со цел да се реализира тоа што беше договорено во 2022 година-подвлече Рокас. (МИА)




