Православната црква во Романија се најде под голем притисок да го смени начинот на крштевање откако бебе почина по церемонијата што вклучува три пати потопување на дете во света вода.
Бебето од шест недели доживеа срцев удар и итно беше пренесено во болница, каде почина неколку часа подоцна, а обдукцијата покажа дека момчето има вода во белите дробови.
Обвинителството започна истрага против свештеникот во североисточниот град Сукеава.
Набргу по веста за смртта на детето, на социјалните мрежи се појави петиција, потпишана од повеќе од 56.000 луѓе за промена на ритуалот на крштевање. „Смртта на новороденче поради оваа пракса е огромна трагедија. Овој ризик мора да се исклучи со цел радоста на крштевањето да триумфира“, се вели во текстот на петицијата.
Локалните медиуми јавуваат дека во последните години имало неколку слични инциденти.
Портпаролот на романската црква Василе Банеску рече дека свештениците може да истурат малку вода на челото на бебето наместо да го потопуваат, но архиепископот Теодосије, водачот на традиционалното крило во Црквата, рече дека ритуалот нема да се менува.
Повеќе од 80 проценти од Романците се православни и Црквата е една од институциите со најголема доверба.