Вчера официјално во прес центарот на Јувентус беше презентирано новото засилување на клубот, Кристијано Роналдо, може да се каже дека клубот од Торино веќе изгледа доста страшно, а ако се остварат прогнозите на медиумите во Италија и низ светот, торинскиот великан може да направи навистина непобедлив колектив.
Досега во тимот на Јувентус покрај Роналдо пристигнаа и Матија Калндара, Леандро Спинацола, Емре Џан, Матија Перин и Жоао Кансело, а откупен беше и договорот на Даглас Коста. Кога ќе се погледнат досега овие имиња, јасно е дека тројката Ањели- Марота- Паратичи, направија навистина одлична работа за само 16 дена од преодниот рок.
Но, сериозни се шпекулациите дека Јувентус не планира тука да застане, а имињата кои се поврзуваат со Јувентус се три големи мега ѕвезди.
Едната од тие ѕвезди е левиот бек на Реал Мадрид, Марсело, кој на Инстаграм објави фотографија каде вели дека наскоро повторно ќе биде заедно со Роналдо. Оваа информација уште толку им даде жар на медиумите за да пишуваат за трансфер на Бразилецот во Јувентус. А шансите за овој трансфер да се оствари дека се реални потврдуваат и информациите кои велат дека на излезна врата од Јувентус е еден друг Бразилец, левиот бек на тимот, Алекс Сандро.
Уште едно големо име е планирано за во дефанзивата, а тоа според информациите на медиумите е Диего Годин, за кого Јувентус е спремен да плати 25 милиони евра, кај фудбалерот постои голема желба да дојде во Торино, но ќе треба да се омекне тврдиот став за овој трансфер на Диего Симеоне, кој не сака да го пушти од Атлетико Мадрид.
А третата голема ѕвезда која се споменува како можно засилување во Торино е Пол Погба, за кого ова би било враќање во италијанскиот шампион. И тука медиумите добија потпора да пишуваат, откако вчера на прославата на титулата за светски првак на Франција, фудбалерот на Јувентус Матуиди му кажа на Погба да дојде во Јувентус, а тој почна да вика Старата дама, Старата дама…
Доколку овие трансфери се остварат тимот на Јувентус би можел да изгледа вака:
На голот би бил Војчех Шчезни, во дефанзивата Жоао Кансело, Диего Годин, Џорџо Киелини и Марсело, во средниот ред би се нашле Емре Џан, Миралем Пјаниќ и Пол Погба, додека напред би биле по крилните позиции Пауло Дибала и Даглас Коста, а во централниот дел од нападот Кристијано Роналдо.
Кога на овие 11 играчи ќе се додадат новиот голман Матија Перин, Матија Де Шиљо, Медхи Бенатија, Сами Кедира, Клаудио Маркизио, Гонзало Игуаин (доколку не замине во, најверојатно во Челзи), Алекс Сандро (доколку не замине, според последните шпекулации можно е во ПСЖ), Матија Калдара, Блез Матуиди, Андреа Барзаљи, Марио Манџукиќ, Даниеле Ругани (доколку не замине, најверојатно во Челзи), Стефано Стураро, Родриго Бентанкур, Федерико Бернардески, Хуан Квадрадо, Леонардо Спинацола… јасно е дека Јувентус ќе има и повеќе од пеколен тим.
Инаку, управата на Јувентус, посебно онаа задолжена за трансферите, предводена од Џузепе Марота и Фабио Паратичи, во светскиот фудбал важи за најдобрата во својата работа, токму затоа не треба да чуди доколку дојде до реализација на некои од овие трансфери, кои во моментов можеби и изгледаат нереално, слично како што беше случајот и со Кристијано Роналдо, новата седумка на Јувентус која беше промовирана.