Фудбалерот на Јувентус, Кристијано Роналдо ги отфрли обвинувањата за силување, што против него ги изнесе Американката, Кетрин Мајорга.
– Ги отфрлам обвинувањата кои се поднесени против мене. Силувањето е одвратно злосторство, што се коси со се во што верувам. Сакам да ја тргнам лагата од моето име, но воедно одбивам да ги хранам медиумите со спектаклот што го создаваат луѓе кои сакаат да се промовираат на моја сметка. Мојата совест е чиста и затоа во мир ги чекам резултатите од истрагата, објави Роналдо на социјалните мрежи.
Мајорга го обвини фудбалерот дека во 2009 година ја нападнал и силувал во хотелска соба во Лас Вегас.
Нејзините обвинувања прв ги објави германски „Шпигел“, а наводно Мајорга поднела пријава, но ја повлекла откако добила 375.000 долари и се согласила никогаш да не проговори за тоа што се случило.
Роналдо најави дека ќе поднесе тужба против „Шпигел“ за изнесените обвинувања.
Во меѓувреме полицијата отвори истрага за овој случај.