Полицијата во Лас Вегас потврди дека „од септември 2018 година повторно е отворен случајот за силување од 2009 година. Нашите детективи работат врз основа на информациите што им ги дала жртвите. Оваа истрага е во тек и засега нема да бидат откриени нови детали за неа“.
Оваа објава доаѓа откако во интервју за германски Шпигел поранешната манекенка Кетрин Мајорга(34) повтори дека на 13 јуни 2009 година Кристијано Роналдо брутално ја силувал во својот апартман во хотел во Лас Вегас, каде што Мајорга работела како хостеса.
-Откако ме силуваше, се извини. Клекна и рече дека тој е 99 отсто добро момче, но не знае за оние еден отсто – изјави Мајорга во интервјуто.
Адвокатите на Роналдо одговорија со тужба против весникот.
Мајорга во 2010 година од Роналдо прифати 375.000 долари од сметка на Британските Девствени острови во замена за молчење. Но, по осум години, сепак сака да добие судски епилог за нападот кој радикално и го променил животот. Открива дека од тогаш се бори со самоубиствени мисли и често се опива.
Запрашана зошто ги прифатила парите, одговорила дека била исплашена заради славата на Роналдо, а и затоа што не сакала нејзиното име да се провлекува низ медиумите.
Во американската сојузна држава Невада нема застарување на случајот за силување ако жртвата го пријавила делото во полиција во рок од четири години. Извршителот може да добие доживотен затвор со можност за условно излегување дури по 10 години.
Полицијата во Лас Вегас сега објави дека на 13 јуни 2009 година излегла на терен по дојавата за сексуален напад.
-Кога го правевме извештајот, жртвата не им ја кажала на детективите локацијата, ниту им го опишала осомничениот. Направен е лекарски преглед на нападнатата – велат од полицијата.
Но, сега случајот е повторно отворен.