Заморот и неговото влијание на способноста за управување на моторно возило ќе биде посебен сегмент во кампањата за подобрување на безбедноста на сообраќајот на патиштата во летниот период во услови на висока температура и зголемена сообраќајна фрекфенција, што ја најави денеска Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Во наредниот период ќе бидат реализирани голем број сообраќајно едукативни активности и ќе се засили контролата и санкционирањето на неодговорните учесници во сообраќајот, најавуваат од РСБСП од каде укажуваат дека според статистичките податоци традиционално во летниот период двојно се зголемува бројот на сообраќајни незгоди, а со тоа двојно се зголемува и бројот на загинати и повредени во сообраќајни незгоди.
Во рамки на кампањата ќе бидат реализирани голем број активности за подигање на јавната свест за поголема безбедност на сообраќајот на патиштата преку зголемено почитување на сообраќајните правила и прописи, преку едуцирање и информирање на домашните и странските возачи за собраќајните правила и прописи, со посебен акцент за информирање на домашните и странските возачи за законските санкции кои произлегуваат од определени видови сообраќајни прекршоци. Учесниците во сообраќајот ќе бидат едуцирани и информирани и за влијанието на високите температури на способноста за управување на возилото, неговата техничка исправност и нивното дејствување во насока на влошување на условите на патот.
– Единствено со ваков пристап кон безбедноста на патниот сообраќај односно преку големиот број на едукативни кампањи и силна и интензивна контрола на учесниците во сообраќајот во 2018 година значително беше подобрена безбедноста на патниот сообраќај со што бројот на настрадани лица во сообраќајни незгоди сведен на најниско ниво во последните пет години, соопшти РСБСП.
Активностите ќе се спроведуваат во соработка со Министерството за внатрешни работи, Автомотосојузот на Македонија и СИЗ „Македонија Сообраќај- Америт“.