Велика Британија, соочена со планот на водечката шкотска партија да одржи нов референдум за независност на Шкотска, на кој владата во Лондон остро се спротивставува, како и анкетите што покажуваат дека мнозинството шкотски гласачи се за независност и враќање во Европската унија, е загрозена од нова политичка и уставна криза, јави Радио Слободна Европа (РСЕ).

Шкотската национална партија (СНП) во саботата ги објави плановите за обид да донесе закон за втор референдум за независност, и покрај одбивањето на британската влада да одобри такво гласање, пишува Фајненшл тајмс.

Шкотскиот секретар за устав и претседател на СНП Мајкл Расел рече дека нацрт-законот за плебисцит за раскинување на тривековниот сојуз со Англија ќе биде предложен во шкотскиот парламент доколку поддржувачите на независноста имаат мнозинство во Собранието по изборите закажани за мај.

Британската влада одобри одржување референдум за независност на Шкотска во 2014 година, на кој мнозинството гласачи беа против независноста и инсистира на тоа дека гласањето за независност без такво одобрување ќе биде незаконско.

Расел рече дека шкотскиот Парламент може да донесе закон за подготовка на гласање за независност без одобрение од Велика Британија, предизвикувајќи го британскиот парламент „да преземе правни мерки за оспорување на правната основа на референдумот и да се обиде да ја блокира волјата на шкотскиот народ пред судовите“.

На референдумот во 2014 година, 55 отсто од шкотските гласачи беа за останување во Велика Британија, а 45 проценти за независност. Претходно овој месец, британскиот премиер Борис Џонсон изјави дека треба да има период од околу 40 години до новиот референдум, бидејќи гласањето пред шест години беше нешто што се случува „еднаш во генерација“.

Сепак, според Ројтерс, бидејќи мнозинството Шкотланѓани на референдумот за Брегзит го поддржаа останувањето во Европската унија, а СНП тврди дека ситуацијата се променила по излегувањето од Унијата, пренесува РСЕ.

Бидејќи Џонсон одбива да се согласи на втор референдум за независност, СНП претстави план од 11 точки за принудување на гласање за отцепување, посочува Би-Би-Си, додавајќи дека е поставен „патоказ“ за нова декларација за независност откако шкотската премиерка Никола Старџен беше изложена на притисок на критичарите на нејзиното раководство да предложи „План Б“.

Планот Б, појаснува Би-Би-Си, е да се донесе закон за референдум иако Велика Британија одбива да се согласи и да биде подготвен да се брани тој закон пред судовите. Референдумот ќе се одржи ако судовите го сметаат за легален, но дури по пандемијата.

Сепак, не е јасно што ќе се случи ако судовите кажат „да“, британската влада продолжи да кажува „не“ и про-британските партии го бојкотираат референдумот, посочува Би Би Си, додавајќи дека за легитимноста на референдумот е потребна согласност од двете страни.

Велика Британија се соочува со уставна криза што ќе ја оптовари унијата, бидејќи новите анкети откриваат дека мнозинството гласачи во Шкотска, но и во Северна Ирска сакаат референдум за отцепување од Велика Британија, пишува „Сандеј тајмс“, додавајќи дека анкетите нарачани од весникот во четири делови на земјата покажале дека чувството на британски идентитет што некогаш ја поврзуваше земјата се распаѓа.

Според анкетата во Северна Ирска, мнозинството – 51 наспроти 44 проценти – сака референдум за границата во следните пет години, а британските унионисти имаат мало мнозинство над оние што бараат обединување со Ирска – 47 наспроти 42 проценти, но 11 проценти се неодлучни, што, според неделното издание на лондонскиот весник, е доволно за да се загрози иднината на Велика Британија.

Анкетите во Англија, Северна Ирска, Шкотска и Велс исто така покажуваат дека огромното мнозинство гласачи – во соодност над два спроти еден – очекуваат Шкотска да стане независна во следните 10 години.

Анкета во Шкотска предвидува дека СНП ќе оствари убедлива победа на изборите во мај, што, посочува весникот, веројатно ќе предизвика нова политичка криза.

Според анкетата, 49 проценти од гласачите би гласале за независност на Шкотска на референдум, пет проценти повеќе отколку за останување во унијата, со седум проценти неодлучни, но кога ќе се отстранат непознаниците, тоа е 52 проценти во споредба со 48 проценти за независност, нагласува „Сандеј тајмс“, додавајќи дека Брегзит и корона-кризата ги одвлекува шкотските гласачи од унијата со Англија.

Анкетата покажа дека 53 проценти од шкотските граѓани се за влез во ЕУ, што одговара на процентот на поддржувачи на независноста, додека 31 процент се против.

Спротивно на тоа, во Англија, противниците за влез во ЕУ водат со 42 наспроти 40 проценти. Кога станува збор за коронавирусот, 42 проценти од Шкотите сметаат дека нивната земја подобро ќе се справи со кризата доколку е независна, а само 22 проценти од шкотските гласачи сметаат дека Џонсон добро се справил со Ковид-19, во споредба со 61 процент кои оценуваат дека Старџен добро се справува со кризата.