Н.Н. од околината на Призрен, припадничка на босанската заедница, вели дека пред неколку години потпишала „документ“ со кој потврдува дека некој од нејзиното семејство има бугарско потекло, за да ја искористи можноста да студира во Бугарија, пишува Радио Слободна Европа (РСЕ) во опширната репортажа под наслов „Бугарска заедница во Косово „во создавање“, институциите молчат“.
„Тој документ го добив од наш човек од околното село“, вели оваа соговорничка на Радио Слободна Европа, која сакаше да остане анонимна.
Нејзиниот целосен идентитет, како и местото на живеење во Косово и е познато на редакцијата на РСЕ.
Таа вели дека се согласила да го потпише документот „однапред подготвен и запечатен“, со кој и е сменето потеклото, за да има корист од подобрите услови за студирање во Бугарија – земја членка на Европската Унија.
На прашањето дали е Бугарка, таа одговара:
„Се разбира дека не сум. Но, ако ова ми треба за да се запишам на факултет, зошто да не“?
Таа вели дека по потпишувањето на тој документ, во Бугарија била третирана како државјанка на оваа земја, односно имала право на стипендија и студентски дом. Таа веќе ги завршила студиите и се вратила во родниот град.
Претставниците на босанските политички партии на Косово велат дека Бугарија преку одредени поединци од босанската заедница се обидува да создаде бугарска заедница.
Во неколку случаи, во последните години, бугарските власти до косовските лидери доставија барање за официјално прифаќање на бугарската заедница на Косово.
Во врска со ова барање, шефовите на косовските институции молчат.
Сепак, Косово не е единствената земја на Балканот, во која Бугарија бара прифаќање на бугарската заедница.
Денес Бугарин, утре Босанец“
Досега во Бугарија дипломирале околу 350 студенти, кои се од различни области на јужниот дел на Косово, изјави за РСЕ, Абаз Адеми, потпретседател на Партијата за демократско дејствување меѓу босанската заедница.
Тој е и еден од лидерите на Канцеларијата на Здружението за развој и интеграција на бугарската заедница во Призрен, која беше отворена во декември 2023 година од претседателот на Бугарија, Румен Радев.
Адеми за РСЕ вели дека врските и комуникацијата со бугарските власти започнале пред 15 години и во фокусот на заедничкиот интерес е пријавувањето на студенти од Косово на универзитетите во Бугарија.
Оваа практика, според него, продолжува и денес.
„Во Бугарија, во моментов, студираат 189 студенти, на сметка на државата Бугарија“, вели тој.
Адеми потврдува дека имало пракса да се потпишува документ, со барање потврда за бугарско потекло од одредени граѓани.
Тој не појаснува кој дал такви документи, но вели дека таквата практика е прекината.
„Секој што се чувствува Бугарин ќе дојде во нашата канцеларија и само ќе каже дека е Бугарин. Ние нема да издаваме никаков сертификат. Ги забранивме сите потврди кои се издадени порано и не важат“, вели Адеми.
Тој додава дека пописот на населението во Косово, што го спроведе Агенцијата за статистика на Косово од 5 април до 24 мај, се очекува да го открие бројот на граѓани пријавени како Бугари.
Во формуларот за регистрација граѓаните можеа да се изјаснат дека припаѓаат на „друга“ етничка припадност и да наведат за која е. Адеми, на пример, вели дека припаѓа на босанската заедница, но на пописот на населението е прогласен за Бугарин.
Адеми: Денес сум Бугарин.
РСЕ: А утре?
Адеми: Утре пак ќе бидам Босанец!
Целата статија на РСЕ може да ја отворите и прочитате ТУКА.