Одлуката на косовската влада за воведување такси од 100 отсто на српски и производи од Босна и Херцеговина влијаеше на брзиот пад на пласманите на овие производи на косовскиот пазар во декември и овозможи значително зголемување на испораката на стоки од Македонија и Албанија.
Повикувајќи се на податоците од Косовската агенција за статистика, Српската национална телевизија (РТС) информира дека вкупниот увоз на стоки во Косово во декември 2018 година бил близу 303 милиони евра. Увозот на стоки од земјите на ЦЕФТА изнесувал 42,3 милиони евра, што е за 46,8 проценти помалку во однос на истиот месец во 2017 година.
Најголемо учество во увозот имале компаниите од Македонија (5,8 отсто), Албанија (5,7) и Србија (1,8).
Во октомври минатата година, пред да се наметнат таксите од 100 отсто, вкупниот увоз изнесувал 270 милиони евра. Увозот на стоки од земјите на ЦЕФТА изнесувал 86,2 милиона евра. Во тој месец во вкупниот увоз производите од Србија биле 12,3 отсто, од Албанија 7,4 отсто, од Македонија 5,1 отсто и БиХ 2,6 отсто.
Српските компании во октомври на косовскиот пазар пласирале стоки во вредност од 33 милиони евра.
Увозот на косовски трговски друштва од земјите на ЕУ во декември изнесувал околу 155,1 милион евра или 51,2 отсто од вкупниот увоз. Најголем дел од увозот имала Германија (13.1), Италија (6.3), Грција (5.9), Словенија (5.3), Полска (2.9).
Пласманите на стоки од други земји во Косово во последниот месец од минатата година изнесувал 105,4 милиони евра, или 34,8 проценти.
Земјите со најголемо учество во увозот во оваа група се Турција (10,7 отсто) и Кина (9,8 отсто), пренесе РТС.