Американскиот државен секретар Марко Рубио доцна синоќа пристигна во Атина, а денеска ќе се одржи шестиот круг од стратешкиот дијалог Грција – САД и планирано е, освен со министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис, да се сретне и со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, додека грчката метропола е под силни безбедносни мерки и со забрана за протести и собири, јави дописничката на МИА од Атина.

Рубио и Герапетритис, утрово ќе имаат билатерална средба, по што и официјално ќе започне шестиот круг од стратешкиот дијалог меѓу двете земји, што ќе опфати низа теми од билатералната соработка, а планирано е да се потпишат три договори.

Поконкретно, ќе биде обновен Меморандумот за соработка за воведување увозни ограничувања за категории археолошки и етнолошки материјали, ќе биде потпишано Писмо за намери за воспоставување соработка меѓу грчките вооружени сили и Националната гарда на Флорида, како и Меморандум за разбирање за заемно признавање на сертификатите за стручна оспособеност на морнарите.

Работните сесии во рамките на стратешкиот дијалог ќе се одржат од 12 до 17 часот и ќе опфатат теми поврзани регионалните и меѓународните случувања, со безбедноста, одбраната, енергетиката, поморството, технологијата, трговијата и инвестициите, како и за зајакнување на врските меѓу двата народа.

Планирано е во попладневните часови Рубио да одржи говор на Пникс со поглед на Акропол во центарот на Атина, односно на античкиот простор што е едно од најзначајните места поврзани со развојот на атинската демократија и каде што говореле познати атински државници и оратори.

Посетата на Атина, американскиот државен секретар ќе ја заврши во вечерните часови со средба и работна вечера со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.

Според Стејт департментот со стратешкиот дијалог се продлабочува партнерство меѓу САД и Грција во клучните приоритети на администрацијата, вклучувајќи ја одбранбената соработка и регионалната и енергетската безбедност.

Портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на редовниот брифинг со новинарите во понеделникот рече дека станува збор за „многу важна посета“, особено во конкретниот период.

– Стратешките односи меѓу Грција и Соединетите Американски Држави постојано се зајакнуваат. Ова се потврдува од низа потези, како што се големите енергетски договори со американски гиганти, посочи Маринакис.

Синоќа, кусо по 21 часот Рубио пристигна во Атина, а на атинскиот аеродром го пречека шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис, заедно со американската амбасадорка во Грција Кимберли Гилфојл.

Неколку часа претходно, како што објави МИА, пред грчкиот Парламент се одржаа протести против посетата на Рубио, организирани од синдикатот ПАМЕ на Комунистичката партија, левичарски партии и организации, студентски здруженија итн.

Поради посетата на Рубио, Атина денеска е под силни безбедносни мерки, повремено ќе се затвораат улиците во центарот на градот, а со одлука на полицијата забранети се секакви собири и протести.

Стратешкиот дијалог меѓу Грција и САД беше воспоставен во 2018 година, како институционална рамка за следење и дополнително развивање на билатералната соработка.

Претходниот круг се одржа во февруари 2024 година во Вашингтон, а една година претходно, Атина беше домаќин на четвртиот круг од стратешки дијалог меѓу двете земји.

Американскиот државен секретар од Атина заминува утре наутро, во посета на Португалија.