Директорот на скопски ГТЦ, Ѓоко Трајчевски, по протестот на сопствениците на дуќаните, првпат призна дека имало кражба на струја од страна на фирмата на браќата Елвис и Габриел Бајрам.
Сопствениците на дуќаните во ГТЦ со месеци укажуваат на тоа дека по откривањето на магацините полни со опрема за „копање“ биткоини, тука некој вршел кражба на струја, но реакција од надлежните институции нема, пишува порталот МКД.
Трајчевски во изјава за ТВ Алфа призна дека акционерското друштво на кое е тој директор, АД ГТЦ, нема лиценци за продажба на струја, на вода, на топлинска енергија, лиценца за издавање на деловен и станбен простор… Седум месеци по скандалот со откривањето на „копањето“ на биткоини за што е потребно 24 часовно напојување на струја, Трајчевски изјави дека имало кражба на струја.
Фирмата на Бајрам со години била сместена во подрумските простории на ГТЦ. Управата на ГТЦ за потребите на Бајрам донеле струја и ги климатизирале просториите, но заборавиле да постават и струјомер. Седум месеци потоа Трајчевски призна криминал во државна компанија за кој што тој знаел и не го пријавил во полиција или обвинителство. Инаку Габриел Бајрам е советник во Град Скопје од партијата на Ромите, коалициски партнер на владеачката СДСМ.
Лани во декември и МВР и обвинителството официјално изјавија дека нема да проверуваат дали Бајрам крадел струја во ГТЦ оти никој не пријавил, а за „копање“ биткоини нема кривично дело.
Проблемите во ГТЦ не завршуваат тука, велат од Здружението на граѓани сопственици на деловен простор во ГТЦ. Тие на протестот пред Владата укажаа и на дивоградбите распоредени по заедничките простории на ГТЦ (сендвичари, продавници за сладолед, тезги…), диви лифтови, зелената градина изградена без градежна дозвола, бесплатна климатизација за рудниците за биткоини и за блиската околина, на енергетското расипништво во празни простории, неплаќањето на режиските трошоци за дуќаните во сопственист на АД ГТЦ…
– Ние се надеваме дека Трајчевски не е соучесник во копањето биткоини и во кражбата на електрична енергија. Но зошто криел досега и дури сега после 7 месеци вели дека ќе преземе мерки против закупецот за кражба на електрична енергија, прашуваат од здружението.
Тие бараат да се изврши вештачење на целиот овој скандал, најавуваат поднесување на групна тужба и барање за отштета, АД ГТЦ да ги врати украдените пари на дуќанџиите.
Целата статија во МКД.