По 40 години запоставеност, денеска беше пуштен во употреба современиот Дом на културата „11 Октомври“ во населбата Ченто во општина Гази Баба.
Реконструираниот објект е на површина од 1.000 квадратни метри и е реализиран како дел од капиталните инвестиции на Владата за поддршка на општините во областа на културата со вкупна вредност од 87.514.771 денар. Домот на културата е изграден во простор на три нивоа – со сцена, галерија, библиотека и современи услови за развој на уметноста и креативноста.

Премиерот Христијан Мицкоси истакна дека денешниот настан претставува повеќе од отворање на еден објект, тој е симбол на нов почеток, на обновена енергија и на зајакната грижа за културниот живот. Од денеска, како што потенцира, Домот на културата повторно го добива своето заслужено место како двигател на културните случувања и како простор во кој ќе се создаваат, негуваат и споделуваат културните вредности.
-Реализацијата на овој значаен проект, овозможена преку средствата од капиталните дотации на културата, претставува јасен показател за стратешката определба за континуирано инвестирање во културната инфраструктура. Со вкупна вредност од над 87 милиони денари, овој објект денес е трансформиран во современ, функционален и енергетски ефикасен простор, целосно прилагоден за одржување на најразлични културни настани. Со реконструкцијата и санацијата, поранешниот запуштен објект прерасна во културен дом кој располага со современа сала со капацитет од околу 180 посетители, како и дополнителни содржини кои овозможуваат богата и разновидна културна понуда. Особено е важно да се истакне дека овој проект е резултат на успешна, координирана и партнерска соработка помеѓу локалната и централната власт. Токму ваквата синергија овозможува реализација на проекти кои се од суштинско значење за граѓаните и претставува пример како преку заедничка визија и одговорно управување се постигнуваат трајни вредности, рече Мицкоски.

Тој нагласи дека заложбите за развој на културата остануваат високо на агендата, затоа што, како што рече, културата не е само израз на идентитетот, туку и двигател на општествениот развој. Потенцира дека во првиот квартал од годината има реализација на капитални инвестиции и коишто е поголема од 31/32 отсто историски високо ниво и очекува до крајот на годината не само што да се реализираат туку и да го нафрлат бројот на капиталните инвестиции.
– Преку поддршка на вакви проекти, се обезбедува еднаков пристап до културни содржини за сите граѓани и се зајакнува културното ткиво на нашето општество. Во тој контекст, Министерството за култура и туризам во изминатиот период, имајќи го како приоритет локалниот културен развој, започна реализација на повеќе проекти во општините низ Републиката, кои со својата функција ќе ја збогатат културата на локално ниво, рече премиерот Мицкоски.

Министерот за култура Зоран Љутков изјави дека со неговото ставање во функција, на граѓаните им се предава современ културен центар кој ќе придонесе за збогатување на културниот живот и зајакнување на заедницата.
-Со успешната реконструкција, адаптација и санација, овој објект кој со години беше запуштен, денес е модерен, функционален и енергетски ефикасен простор. Домот на културата повторно ја презема својата улога како двигател на културните случувања во овој дел од градот и пошироко. Со современи инклузивни решенија, како и капацитет од околу 180 гледачи, овој простор нуди достојни услови и за уметниците и за публиката. Заложбите на Владата и на Министерството за култура и туризам остануваат насочени кон континуирана поддршка и развој на културната инфраструктура во сите општини, обезбедувајќи еднаков пристап до културни содржини за сите граѓани и поттикнувајќи го локалниот културен развој како темел на силно и живо културно ткиво на нашата држава, рече Љутков.

Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски истакна дека Домот на култура „11 Октомври“ е место коешто долги години беше најцрната точка во општината. Потенцира дека повеќе од 40 години на ова место се одвивале одредени девијантни појави и конечно ставиле крај на тоа.
-Овој објект е реконструиран на површина од 1.000 метри квадратни и во наредниот период ќе биде место во кое ќе се обединуваат сите генерации на жители во Гази Баба, па и пошироко во Градот Скопје и ќе има богата културна програма. Објектот е изграден по европски стандарди, модерен, инфраструктурно и енергетски ефикасен и најбитно целосно инклузивен. Како општина и во наредниот период продолжуваме со реализација на голем број на инфраструктурни проекти, рече тој.

Стефковски посочи дека во моментов работат на подобрување на патната инфраструктура и во ист период се градат седум улици на територија на Општина Гази Баба, детската градинка во Трубарево која веќе е завршена и за некој ден ќе биде пуштена во употреба, а се градат и останатите две детски градинки во Инџиково и на потегот помеѓу Керамидница и Автокоманда.
-Исто така, инвестираме и во образовната инфраструктура, градиме две спортски сали во населеното место Црешево и Железара. Интензивно се гради основното училиште „Крсте Мисирков“ во Ченто, која очекуваме новите врати да ги отвори во септември, рече Стефковски.
(МИА)




