Потенцијалот за подинамична мултисекторска соработка меѓу Македонија и Бугарија е навистина огромен. Минатата година имавме историски високо ниво на трговска размена од над една милијарда евра. Прогнозите за оваа година се дека ќе успееме да го постигнеме истото ниво, а можеби и малку да го надминеме нивото на трговска размена што го постигнавме минатата година, изјави амбасадорката на Македонија во Бугарија, Агнеса Руси-Поповска.
Таа во интервју за бугарската ТВ Нова посочува дека континуирани позитивни резултати има и во прекуграничната соработка.
-Коридорот 8 е стратешки проект меѓу нашите две земји, чија вредност во последно време се зголемува. Во С. Македонија работиме на железничко поврзување и нашите очекувања се до крајот на 2027 година да имаме железничко поврзување до границата со Бугарија, вели Руси-Поповска.
Двете држави, нагласува таа во интервјуто, може да бидат најблиски земји преку градење атмосфера на дијалог и меѓусебно почитување, како што вели, со мудрост и такт.
Македонската амбасадорка Руси Поповска во интервјуто потенцира дека за нашата држава нема друга алтернатива освен европска интеграција и затоа е неопходно градење пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Скопје и Софија. Во македонското општество, додава таа, има широк консензус за членството во ЕУ, како политички, така и меѓуетнички и тоа е така од независноста до денес.
-С. Македонија е најстариот кандидат за членство во ЕУ од земјите од Западниот Балкан. Ние сме кандидатка од 2005 година, тоа се 18 години. Овие денови завршуваме со скрининг-процесот и тоа ни овозможува длабинско проучување на целата земја и проценка на степенот на усогласеност со стандардите на Европската Унија, рече Руси-Поповска.
Македонија, дури кога се споредува со земјите од регионот, вели таа, не заостанува во однос на почитување и усогласеност со законодавството на ЕУ.
-Во моментов финализираме три многу важни патокази – за владеење на правото, за реформи во јавната администрација и за функционирање на демократските институции и секако се усогласуваме, го подготвуваме акцискиот план за малцинствата и во пракса се подготвуваме за отворањето на првиот кластер од преговарачкиот процес штом ги направиме уставните измени, изјави Руси-Поповска.
Таа во интервјуто одговара и на прашање поврзано со уставните измени.
-Власта и парламентарното мнозинство и дел од опозицијата категорично го поддржуваат овој процес, ги поддржуваат уставните измени, го поддржуваат вклучувањето на бугарскиот народ во Уставот, но дел од опозицијата се против овие измени. Без нивна поддршка не може да се постигне неопходното двотретинско мнозинство. Причините се внатрешна политика. Државниот интерес е што поскоро да се спроведат уставните измени за да не се блокира процесот на евроинтеграции и европската иднина на државата, вели во интервјуто Руси Поповска.
Таа посочува дека македонското општество е мултиетничко и промовирањето на меѓуетничкото помирување и зближување преку образовниот систем е многу важно за Македонија.
-Се разбира, владите се тие што го даваат тонот за унапредување на соработката, но мислам дека граѓанскиот сектор и влијателните личности со широко јавно влијание што го имаат двете земји можат да одиграат голема улога. Тука би ги споменал и научно-образовните институции и медиумите, изјави Руси Поповска.