Русија денеска објави дека соборила „паметна бомба“ од американско производство, која ја истрелале украинските сили.
Ова е првпат Москва да тврди дека соборила тип на оружје што ѝ овозможува на Украина да погоди цели на голема далечина.
Во руското соопштение се вели дека противвоздушната одбрана ја соборила ракетата од типот „GLSDB“, но не се прецизира каде се случило тоа. Пошироката употреба на GLSDB би ги изложила руските линии за снабдување во источна Украина на жестоки напади и би ја принудило Москва да ги премести подалеку од првите линии на фронтот.
Ракетата „GLSDB“ се лансира од ракетен систем, а потоа, со сателитско наведување, тивко лебди кон целта, која може да биде оддалечена до 150 километри.
Украина долго време бара оружје со кое ќе може да ги гаѓа руските командни центри, линиите за снабдување и други цели зад непријателските линии. „GLSDB“ може да се лансира од ракетните фрлачи „HIMARS“ кои САД веќе ѝ ги испорачаа на Украина.