Москва и Киев се на половина пат од постигнувањето договор за прашањето за демилитаризација на Украина, а нивните позиции се најмногу усогласени за неутралноста на Украина и повлекувањето од членството во НАТО, изјави рускиот преговарач Владимир Медински, пренесува Интерфакс.
Медински рекол дека разговараат за безбедносните гаранции доколку Украина повеќе не се обидува да се приклучи кон западната воена алијанса.
Наспроти тоа, украинскиот преговарач, Михајло Подољак, изјави дека Русија се обидува да „испровоцира тензија во медиумите“ и дека позицијата на Украина останува непроменета.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски деновиве изјави дека ќе мора да се помират дека Украина нема да влезе во НАТО. Тој повеќе пати молеше да го затворат небото над Украина, но тоа не се случи, по што тој покажа разочарување.