Русија најави дека ќе ги премести поморските воени маневри подалеку од брегот на Ирска, откако официјален Даблин изрази загриженост во ек на тензиите меѓу Западот и Москва поради проширувањето на НАТО на исток и стравувањата дека Русија се подготвува за инвазија врз Украина.
Воените маневри на Русија треба да се одржат од 3 до 8 февруари во меѓународни води, на 240 километри од брегот на југозападна Ирска, но во рамките на ексклузивната економска зона на Ирска.
Ирскиот министер за надворешни работи Сајмон Кавени се спротистави на маневрите на руската морнарица оваа недела, нагласувајќи дека „не е време да се интензивираат воените активности и тензии во контекст на она што се случува со и во Украина“.
Амбасадата на Русија во Ирска на Фејсбук објави писмо од амбасадорот Јури Филатов во кое вели дека вежбите ќе бидат преместени од ирската економска зона „за да не бидат пречка за риболовот“.