Русија до крајот на март не го плати најголемиот дел од казната што ја побара Бугарија за одложеното спроведување на договорот за одржување на бугарските ловци МиГ-29.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, кон средината на јануари бугарските медиуми објавија дека Бугарија побарала казна од 925.000 евра, но добила само 186.000 евра.
Тогаш беше прецизирано дека крајниот рок за плаќање на преостанатиот дел од казната е до крајот на март. Ситуацијата од почетокот на мај не е променета и не се добиени дополнителни средства, бидејќи само 20 отсто од казната е исплатена, соопшти Министерството за одбрана на Бугарија.
– Министерството за одбрана побара казна од „РСК МиГ“ од вкупно 924.686 евра, од кои досега се платени 185.782 евра. Остатокот сè уште не е платен, бидејќи во тек е анализа на проблемите при спроведувањето на договорите од страна на „РСК МиГ“, барајќи можности за нивно решавање, наведува Министерството.
За потсетување, во 2018 година бугарската Влада одвои 81 милиони лева (40.500.000 евра) на руската страна за одржување на осум авиони МиГ-29.