Потпретседателот на рускиот државен нафтен концерн „Трансњефт“, Андреј Бадалов, почина во Москва откако паднал од прозор, пренесе Бета повикувајќи се на руската агенција Тас.

Телото на 62-годишниот Бадалов било пронајдено под прозорот на неговата вила во луксузниот кварт Рубљовка, пренесе агенцијата повикувајќи се на полициски извори.

Судски извори за Тас изјавиле дека прелиминарно причина за смртта се смета самоубиство и оти истрагата се движи во таа насока.

Бадалов беше потпретседател на „Трансњефт“ од 2021 година и во тоа својство беше задолжен за дигитализација на компанијата. Претходно, според агенциите, работел во индустријата за вооружување и во еден институт кој, меѓу другото, бил задолжен за дигитализација на руските избори.

Според судски извори, Бадалов оставил и проштално писмо.

Во Русија во последните години имаше неколку случаи на високи функционери, па дури и членови на нивните семејства, кои загинаа под необични околности, а меѓу нив имаше и неколку високи раководители во енергетскиот сектор. Така, претседателот на управниот одбор на „Лукоил“, Равил Маганов, падна од прозор на Централната клиничка болница во Москва.

Два понови случаи беа овогодишните смртни случаи на шефот на огранокот на руската служба за сузбивање монополи во Република Карелија, полковник Артур Пријахин, и шефот на Форензичкиот центар на Рускиот истражен комитет, полковник Алексеј Зубков, кои и двајцата трагично загинаа паѓајќи од прозор.

Во сите случаи, истрагата поаѓаше од претпоставката дека станува збор за самоубиство.

Фото: ЕПА