Руски активисти денеска протестираат пред канцеларијата на градоначалникот на Москва, откако неколку опозициски кандидатина контроверзен начин беа исфрлени од гласачкото ливче за претстојните избори за градскиот совет, јави ДПА.
Полицијата издаде остро предупредување против митингот, што не е одобрен од страна на градските власти. Полицијата “ќе ги преземе сите потребни мерки за да го одбрани секое прекршување на јавниот ред”, пренесе државната агенција ТАСС.
Минатиот викенд илјадници демонстранти, вклучувајќи го и лидерот на протестите Алексеј Навални, присуствуваа на сличен митинг во централна Москва.
Навални беше уапсен неколку дена подоцна со прекршочна постапка за организирање неовластен јавен собир и е осуден на 30 дена административен притвор.
“Очигледно е дека ме апсат поради повикување на протестот за 27-ми”, рече Навални во видеоснимка направена додека беше во притвор. “Бидејќи тие ме апсат, јас, се разбира, Ве канам да излезете на протестот”, порача Навални во видео пораката.
Навални се најде на второ место на изборите за градоначалник на Москва во 2013 година, освојувајќи околу една четвртина од гласовите. Тој постојано е апсен за организирање митинзи, без одобрение од локалните или државните власти, пренесува ДПА.