Руското Министерство за одбрана се огласи за вчерашниот ракетен напад врз Лавов, град на крајниот запад на Украина.
Русите рекоа дека погодиле воени цели во Лавов со прецизни крстосувачки ракети. Министерството наведува дека бил погоден магацинот за гориво кај Лавов, кој го користела украинската армија. Покрај тоа, тие тврдат дека погодиле погон во Лавов каде што Украинците ги поправале своите системи за противвоздушна одбрана, радари и нишани на тенкови.
– Вооружените сили на Руската Федерација ќе продолжат со офанзивните операции во согласност со специјалната воена операција, изјави портпаролот на руското Министерство за одбрана.
Во соопштението на руското министерство се наведува и дека ракетите со долг дострел истрелани од морето го уништиле арсеналот ракети С-300 и системот за воздушна одбрана БУК во близина на Киев.
Руските сили уништиле и неколку беспилотни летала, тврди Министерството.