Американската Администрација живее во алтернативна реалност со неприфаќањето на руската анексија на Крим пред четири години, соопшти денеска Амбасадата на Русија во Вашингтон.

– Стотици илјади Украинци го избраа руски Крим за место за одмор, разбивајќи го митот за руската „окупација“ и „агресија“, се наведува во соопштението на Амбасадата.

Според руското дипломатско преставништво, како што јави ДПА, со својата политика Вашингтон се обидува „да ги лиши жителите на Крим од нивното право на самоопределување“.

Реакцијата на Руската амбасада следува по изјавата на американскиот државен секретар Мајк Помпео дека Вашингтон нема да ја признае анексијата на Крим, која ја оквалификува како „окупација од страна на Русија“.

– Сакам да ве уверам дека САД не ја признаваат и нема да ја признаат анексијата на Крим, како што очекува Кремљ, изјави Помпео во обраќање пред членовите на Комитетот за надворешна политика на американскиот Сенат.

Ваквата изјава на Помпео беше поздравена од Украина, но и од претставници на Европската унија.

Пред минатонеделната средба во Хелсинки на претседателите на САД и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин, во медиумите се појавија шпекулации дека Вашингтон би можел да направи отстапки кон Москва околу Крим.