Седумдесет до сто илјади експерти по информатички технологии би можеле да ја напуштат Русија, прогнозира Руската асоцијација за електронски комуникации (РАЕС).
„Во првиот бран веќе заминаа 50 до 70 илјади ИТ експерти. Единственото што го кочи вториот бран се скапите билети за патување, растот на цените на сместувањето, тоа што никој не чека на Русите, како и неможноста за вршење финансиски трансакции. Но, втор бран дифинитивно ќе има. Според нашите прогнози до април бројот заминати информатичари ќе достигне до сто илјади. Тука станува збор само за експерти по ИТ технологии, ја цитира агенцијата „Интерфакс“ изјавата што шефот на РАЕС, Сергеј Плуготаренко, ја дал на состанокот „Развој на ТИ индустријата под санкции“ организирана од Државната Дума.
Поради одлив на информатичарите, руското Министерство за дигитален развој најави дека подготвува мерки за поддршка на ИТ индустријата. Предвидено е сите ИТ компании да бидат ослободени од данок на доход и тригодишна ревизија, како и одложување на обврската за отслужување на воен рок за сите вработени во секторот.