Руската Државна дума денеска, едногласно, веднаш во второ и трето читање, го усвои предлог-законот за воведување кривична одговорност за ширење на лажни информации во врска со вооружените сили (ВС) на Руската Федерација, јави ТАСС.
„Свесното ширење на лажни информации за вооружените сили на Руската Федерација под маската на веродостојни пораки се казнува со парична казна од 700.000 до 1,5 милиони рубљи или со казна затвор до три години“, се предвидува со новиот закон. (една рубља=0,0083 евра)
За ширење фалсификат користејќи службена положба, од група лица или група лица со вештачко создавање докази на обвинителството, казната ќе биде од пет до 10 години затвор. Доколку намерно лажните информации предизвикале тешки последици, се предвидува казна затвор од 10 до 15 години.
Државната дума воведе и прекршочна одговорност за дискредитација на вооружените сили на РФ. Законот предвидува воведување одговорност за јавните повици за спречување на употребата на вооружените сили на РФ. Доколку овие дејствија не содржат кривично казниво дело, тогаш казната за граѓаните ќе биде од 30 илјади до 50 илјади рубли, за службениците – од 100 илјади до 200 илјади рубли, за правните лица – од 300 илјади до 500 илјади рубли.
Ако дејствијата насочени кон дискредитација на вооружените сили на Руската Федерација се придружени со повици за незаконски дејствија и создаваат закана за штета по животот и (или) здравјето на граѓаните и јавната безбедност, тогаш е глоба од 50 илјади до 100 илјади рубли за граѓани, за службеници од 200 илјади до 300 илјади рубли, за правни лица – од 500 илјади до еден милион рубли.
Доколку делото повторно се изврши во рок од една година, тогаш ќе се побара кривична одговорност. Државната дума на денешната седница ги направи и неопходните измени во Кривичниот законик на Руската Федерација.
Државната дума, исто така, едногласно, веднаш во второ и трето читање, го усвои предлог-законот, кој вклучува криминализирање на повици за воведување странски санкции против Русија, јави руската државна агенција ТАСС.