Руските пратеници денеска изгласаа ратификување на договорите на претседателот Владимир Путин склучени со лидерите на двете сепаратистички републики во источна Украина, еден ден откако шефот на руската држава ја призна нивната независност и нареди да бидат таму испратени војници.
Долниот дом на рускиот Парламент, Думата, гласаше за одобрување на договорите на Путин за пријателство со самопрогласените „Доњецка Народна Република“ (ДНР) и „Луганска Народна Република“ (ЛНР). Гласањето заврши со бурен аплауз од пратениците.
Думата, исто така, гласаше за предложен амандман, според кој договорите треба да стапат во сила од моментот на објавување.
Кремљ соопшти дека останува отворен за сите дипломатски контакти околу Украина и дека прекинот на односите на Киев со Москва ќе ја влоши и онака напнатата ситуација.
„Руската страна останува отворена на сите нивоа за дипломатски контакти… Се зависи од нашите противници“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Тој додаде дека потегот на Киев да ги прекине официјалните врски со Москва ќе биде „исклучително непожелно сценарио кое уште повеќе би ги отежнало работите“.