Руски хеликоптер го нарушил финскиот воздушен простор. Инцидентот се случил во јужниот дел на земјата, соопшти Министерството за одбрана на Финска.
Инцидентот се случил вчера околу 10:40 часот во близина на населените места Парика и Кесалахти во близина на копнената граница со Руската Федерација во близина на Карелискиот теснец. Хеликоптер од типот „Ми-17“ прелетал четири до 4,5 километри внатре во финска територија.
Финската погранична полиција го истражува инцидентот.
Ова е втор ваков инцидент годинава. Претходниот се случи на 8 април во регионот Порво, но тогаш во финскиот воздушен простор влезе патнички авион на Руската Федерација.
Во Финска и Шведска се водат дебати за влез во НАТО, а одлуката за аплицирање може да се донесе веќе овој месец. Според извештаите на медиумите, Финска би можела одлуката за членство во Алијансата да го донесе веќе наредната седмица.