Каква ќе биде улогата на Русите во „Агрокор“ за компаниите во останатите земји од регионот, засега не е познато, додека не се постигне договор, кој би требало сите заинтересирани страни да го потпишат до 10 јули. Од тој ден хрватската држава нема да има ништо со „Агрокор“, а новите сопственици ќе донесуваат одлуки за идното работење на компанијата

 

Руската „Збербанка“ на почетокот на јули треба да го преземе водењето на најголемиот хрватски концерн „Агрокор“, а деновиве се водат преговори влијанието на руската банка уште повеќе да се зголеми. „Збербанка“ е подготвена да се откаже од уделот во словенечки „Меркатор“ во замена за поголем удел во „Агрокор“, а според расположението на вонредната управа на компанијата, таков договор е сосема реален.

„Збербанка“ има 18,5 отсто удел во „Меркатор“, а се смета дека по постигнувањето на конечниот договор во „Агрокор“ че има најмалку 40 отсто удел, ако не и повеќе.

Тоа, како што пишува „Вечерње новости“, практично значи дека Русите ќе имаат одлучувачки збор за иднината на работењето на „Агрокор“, компанија која и натаму е рбетот на хрватската економија и во чиј состав се фирми без кои е незамисливо хрватското земјоделство и малопродажбата. Тоа сигурно ќе има и политички последици, пред се со тоа што Русите на голема врата ќе влезат во Хрватска, која долго време го сопираше рускиот капитал.

Во првата фаза од стабилизацијата на „Агрокор“ имаше обиди руските банки да бидат исфрлени од игра, но тоа не успеа. Сега „Збербанка“, на која бившиот сопственик Ивица Тодориќ и остана должен 1,1 милијарди евра, ја презема одговорноста за работењето на „Агрокор“.

Дали руските банки ќе ги продадат своите удели или ќе ги задржат засега е непознато. Но, епилогот од случајот „Агрокор“ значи далеку поголемо влијание на рускиот капитал во Хрватска, особено поради тоа што Русите се исклучително заинтересирани за вложување во хрватскиот туризам, па преземање на акции во МОЛ и управување со „Ина“.

Руските инвеститори планираат вложување од 300 милиони евра на Јадранско Море и тоа во наредните четири години. Ако „ЗБербанка“ и ВТБ банка го задржат управувањето со „Агрокор“ тоа ќе биде можност да се поврзат комбинатите кои прозиведуваат храна со туристичката дејност, што во Хрватска од секогаш било цел.

Каква ќе биде улогата на Русите во „Агрокор“ за компаниите во останатите земји од регионот, засега не е познато, додека не се постигне договор, кој би требало сите заинтересирани страни да го потпишат до 10 јули. Од тој ден хрватската држава нема да има ништо со „Агрокор“, а новите сопственици ќе донесуваат одлуки за идното работење на компанијата.