Руската вселенска агенција Роскосмос утре ќе го испрати јапонскиот милијардер Јусаки Маезава на Меѓународната вселенска станица (МВС). Со ова, како и со испраќањето на глумицата Јулија Пересилд и режисерот Клим Шипенко, Москва се враќа во бизнисот со вселенски туризам по повеќегодишна пауза.
Еден од најбогатите Јапонци, 46-годишниот Маезава ќе полета од космодромот Бајконур во Казахстан, во придружба на неговиот помошник Јозо Хирано. Ова ќе стави крај на подолгата пауза во руската туристичко-вселенска програма, од летот на канадскиот милијардер и соосновач на „Сирк ду-солеј“ (Cirque du Soleil) – Гај Лалиберте, во 2009 година.
„Вселенската прошетка“ на Маезава доаѓа во предизвикувачки период за Русија, чиј вселенски туризам се бори да остане во чекор со западната конкуренција во оваа „вселенска трка“. Американската компанија „Спејс-Икс“ во сопственост на Илон Маск, минативе години ја почна својата програма „Кру драгон“. Ова ги ограничи, но сепак, остави простор и за руските „Сојузи“, често изнајмени и од НАСА, дозволувајќи ѝ притоа на Москва да прифаќа и туристи „со подлабок џеб“, како што е Маезава – 30-тиот најбогат човек во Јапонија.
Во партнерство со американската компанија „Спејс адвенчрс“, Русија досега испрати седум туристи во Вселената. Маезава и Хирано ќе бидат првите од Јапонија.