Со новите амандмани на рускиот закон на јавните службеници им се забранува употреба на повеќето странски зборови во текот на извршување на должноста, по одлуката која ја потпиша претседателот Владимир Путин.
Од почетокот на руската инвазија на Украина, Путин постојано повторува дека сака да ја заштити Русија од, како што го нарекува, дегенерираниот Запад кој се обидува да ја уништи земјата.
Амандманите на законот од 2005 година беа осмислени за да го заштитат статусот на Русите, стои во текстот објавен на веб-страницата на Владата.
„Кога се користи рускиот јазик како државен јазик на Руската Федерација, не е дозволено да се користат зборови и изрази кои не одговараат на нормите на современиот руски јазик, освен за странски зборови кои немаат еквиваленти во широка употреба на рускиот јазик“, се вели во текстот.
Списокот на странски зборови што сè уште може да се користат ќе биде објавен посебно. Во амандманите не се споменуваат казни за тие кои нема да го почитуваат изменетиот закон.